Водич низ СКОПЈЕ

Дали човештвото создаде барем малку помирен и побезбеден свет?

Пишува: Влатко Секулоски

Ако го прелистате учебникот по историја за IX одделение, дури и без да читате, само да ги најдете заедничките деноминатори на сликите ќе видите дека станува збор за слики на мажи во униформи или мажи со оружје. Доминира големата перспектива, а целосно изостанува животот на цивилното население. Сепак тоа што е најважно е дека меѓу првата и втората светска војна има само дваесетина години. Од втората до денеска има повеќе од седумдесет. Што се променило во меѓувреме, кои ставови и вредности го продолжуваат мирот? Дали доволно научивме за да го продолжиме мирот и понатаму?

Оние што водат едно општество се секако државниците и интелектуалците

Еден краток осврт на нивните ставови и размислувања може да ги појасни настаните.  Да ја земеме на пример изјавата на Кајзерот Вилхелм втори „ Ако наидете на непријателот, уништете го. Милост не смее да има. Заробеници не треба да се земаат. Ако некој ви падне в раце, со него е завршено. Пред илјада години, хуните под водство на кралот Атила стекнале слава која сè уште се користи во легенди и традиции“. Оттука не е чудно што неговата војска во белгискиот град Динант убила 600 мажи, жени и деца. Но, со такви мисли не бил само кајзерот, 93 истакнати германски научници, професори и уметници го потпишале тогаш познатиот „Манифест на деведесет и тројцата“ на 4 октомври 1914 со којшто безрезервно ги поддржале воените акции на својата земја. Се разбира дека не сите во општеството се согласувале со ваквите ставови, сепак доволно загрижувачки тоа што не било срамно да се изнесуваат такви ставови.

Од другата страна на почетокот на војната доминираат слични ставови. Истакнатиот писател од тоа време, Рудјард Киплинг, на пример во поемата „За сè што имаме и што сме“ вели „Станете и прифатете ја војната / хуните се пред портата!“ Поемата излегла во голем број весници и списанија во голем тираж. Друг истакнат интелектуалец е Роберт Бриџис, поет лауреат кој во поемата „Разбуди се Англијо!“ вели „До убавина преку крв.“, подоцна Бриџис од издавачите барал да престанат да ја објавуваат, што пак го покажува отрезнувањето од ужасите на војната. Она што мислам дека најмногу недостасува во учебниците по историја се т.н. писма од рововите. Тие се историски документи од прво лице и многу добро опишуваат што значи војната. Всушност не верувам дека човек може да каже дека ја познава историјата или дека може да зборува за војна без да има прочитано барем едно од писмата од рововите.

Што е сменето денеска, 100 години по крајот на војната?

Верувам дека посета на Берлин најдобро може да одговори на прашањето. Берлин на пример има меморијал посветен на жртвите на холокаустот, голем плац со црни призми кој не дава одговори, туку наменет е да го долови чувството на ужас од војната. Меморијал од кој не може да излезете без мал милион прашања во главата – вистинска уметност. Меморијал кој има доволно храброст да каже да признае „ние згрешивме, ние бевме лошите“. За жал многу земји во Европа таквата храброст изостанува и речиси сите тие земји имаат проблеми со популистички национализам. Сепак тоа што не може да се негира е дека денеска јавното поддржување на војната и омразата, како и повиците на убиства и уништување како погоре наведеното на кајзерот Вилхелм втори се неприфатливи во јавниот дискурс, одлика се на мали групи националистички и верски радикали и целосно неприфатливи за интелектуалците и државниците.

Поминаа повеќе од 100 години откако германските и англиските интелектуалци повикуваа на војна во 1914. Опасности сè уште има, но можеме да кажеме дека во меѓувреме човештвото создаде барем малку помирен и побезбеден свет, а колективната совест узреа барем во некои земји. Далеку од тоа дека треба да бидеме задоволни со денешниот свет, но знаеме дека мирот е избор кој се прави, се создава исто како и добра торта и ако мирот е тоа што го сакаме мора да ги собереме потребните состојки и да се придржуваме до рецептот.

Коментари