Водич низ СКОПЈЕ

Да ти нацртам: Што е ПАТРИОТ?

Патриот е некој што ја носи државата на себе. Или во себе. Или двете? Можеби нешто трето? За да дознаеме, го направивме квизот „Што има под знамето“. Ексклузивно, тројца доброволци што ја носат државата на себе, се пријавија за да ни дозволат да ѕирнеме што има под нивното знаме. Еве што успеавме да забележиме откако тие ги поткренаа своите знамиња, само за нас и за вас.

Лице А: не плаќа даноци кон државата бидејќи парите му требаат за да ја велича татковината.

Лице Б: плаќа даноци бидејќи мора.

Лице В: ги плаќа даноците, но активно се интересира за што се трошат неговите пари.

Лице А: ѓубрето од татковината и го враќа директно на татковината.

Лице Б: ѓубрето од татковината го фрла во канта на татковината.

Лице В: ѓубрето од татковината го фрла во канта на татковината и бара соодветно да се рециклира за да не ја загади татковината.

Лице А: ги прекршува сообраќајните правила бидејќи татковината нема време за чекање.

Лице Б: внимава на сообраќајните правила зашто може да има полиција во близина.

Лице В: ги почитува сообраќајните правила бидејќи ништо не е поважно во сообраќајот од безбедноста.

Лице А: културното и природното наследство не се важни ако може да се заработат пари за да се велича татковината.

Лице Б: ретко размислува за културното и за природното наследство на земјата.

Лице В: културното и природното наследство мора да се зачуваат.

Лице А: националниот интерес го гледа како борба помеѓу неговиот народ и други народи, во која неговиот народ победува.

Лице Б: национален интерес е тоа што го кажале на телевизија.

Лице В: го гледа националниот интерес како успех на својата земја и народ, во соработка со други народи и земји.

Лице А: ги слави спортските, културните и другите успеси на земјата.

Лице Б: ги слави спортските, културните и другите успеси на земјата.

Лице В: ги слави спортските, културните и другите успеси на земјата.

И конечно, еве ги резултатите:

Најмногу одговори под А: патриот-знаменосец. И покрај гласниот патриотизам, под знамето нема ништо.

Најмногу одговори под Б: викенд-патриот. Ретко размислува за патриотизмот, па и за државата воопшто, бидејќи генерално не го интересира политика.

Најмногу одговори под В: суштински патриот. Ја сфаќа љубовта кон земјата како постојан напор за таа да стане што подобра и понапредна.

Заклучок: Не е патриот оној што има поголемо знаме на ретровизорот, туку оној што ги фрла отпадоците во канта за ѓубре.

За патриотизмот, сепак е важно што има под знамето.

Коментари