Водич низ СКОПЈЕ

ДА ТИ НАЦРТАМ: „ПОЛИТИЧКИ РАСИПАН ГРАМОФОН“

Да бидеме на чисто: ниедна влада не може да ги исполни очекувањата на граѓаните. Особено во земја која или стоела во место, или се тркалала надолу. Таму луѓето не се задоволуваат ако се искачат за едно скалило погоре. Тоа нема ни да го почувствуваат како промена. Тие сакаат да прескокнат планини и да прелетаат долини. Тоа не е луда желба, туку толку се оддалечени од пристојниот живот.

Што најлесно прелетува преку планини и долини? Балонот, секако. Затоа политичарите ги надувуваат своите ветувања толку многу, што тие потоа не можат да се исполнат, а граѓаните остануваат разочарани. Затоа политичкиот мандат често се сведува на менаџмент со разочарувањето, односно како да се убедат луѓето дека треба да бидат задоволни и со тоа што го добиле.

Меѓу најчесто користените техники за менаџмент на разочарувањето е една логична замка што се вика лажна дихотомија. Звучи сложено, но е многу едноставно. Има два чекора. Првиот е да се убедат луѓето дека изборот им е сведен на само две можности од кои треба да одберат една. Вториот е да се убедат дека другата е полоша.

Партијата што ја има власта ќе рече дека ја разбира разочараноста, но дека ако не ја водат тие државата, ќе дојдат другите, кои се многу полоши, па затоа луѓето треба да се помират со нивниот избор. Во првите две или три години од власта, оправдувањето може да биде дека другата партија толку многу ја уназадила државата, што не може да се очекува значително подобрување преку ноќ. Или преку 730 ноќи, колку што има во две години.

Но тоа е поубавата верзија на приказната. Таа подразбира дека политичарите се трудат најдобро што можат да ги исполнат очекувањата од нив, но не успеваат, па затоа си бараат оправдување. Полошата верзија е кога тие математички прецизно пресметуваат колку биле лоши нивните противници и си поставуваат граница до каде може да го тестираат трпението на граѓаните.

Ако на скалата на лошотилакот од 1 до 10 противникот ја има десетката, тие ќе си ја постават границата на 9,86 и ќе внимаваат да не ја преминат таа линија за секогаш да можат да кажат – другите се полоши. Така смислено се обидуваат да бидат помалото зло.

Како завршува тоа? Незадоволни дека некој ги тера да се помират со помало зло, граѓаните одговараат на менаџментот на незадоволството со метод што се вика пукање на филмот. И отворено се спротивставуваат. Веќе не им е гајле дали другата партија е полоша, само сакаат да сменат нешто.

Новата партија знае дека дошла на власт поради пукањето на филмот од другите, па така тие стануваат „подобрите“ или „помалото зло“, а другите стануваат „баба рога“ со која се плашат луѓето за да не бараат промени. Се додека и од нив не пукне филмот.

Легендата вели дека некои политичари, кога ќе виделе дека веќе не им поминува филмот, барале помош од бајачка. Но бајачката се претворала во диџеј, а кристалната топка во грамофонска плоча што постојано ја вртела истата песна. Така се прави политички расипан грамофон.

Коментари