Добредојдовте во светот на политичката коректност. Или на „коректното политичко изразување“, ако сметате дека така е поправилно.
Се извинуваме ако терминот „поправилно“ ве навреди, бидејќи сметате дека нештата можат да бидат или целосно правилни, или целосно неправилни, и сакаме да знаете дека го почитуваме вашето гледиште. Ете, уште сме на почетокот, а веќе се загубивме.
Но тоа воопшто не е за изненадување. Политичката коректност е една од најконтроверзните теми на денешницата. Нејзините поддржувачи сметаат дека таа е неопходна и има позитивен придонес за општеството, а според критичарите таа е непотребна и прави повеќе штета отколку корист. Предизвикува потсмев, гнев, па дури и цензура. Но има барем неколку работи за кои едноставно можеме да бидеме сигурни.
Да почнеме со критиките. Има мислења дека политичката коректност е голема лага и служи само за да се затскрие или да се ублажи некој проблем, за тој да не звучи толку страшно колку што е. На пример, кога сиромашните се нарекуваат „лица со многу ниски примања“ или „лица во социјален ризик“. Или кога бездомниците се „лица со непостојано домување на јавни простори“. Добро, нив никој не ги вика така, ама може да почне, исто како со сиромашните. Или кога наместо „сиромашни држави„, се користи „држави во развој“. Сиромашни звучи како нешто што е така и останува така, а „во развој“ звучи некако преодно. Како да секој ден се очекува да се развијат и да не бидат повеќе сиромашни. Но, да не сакаме да скриеме нешто на овој начин? Или да минимизираме? На пример, зошто наместо плаќачи на данок се употребува даночни обврзници. Можеби затоа што како плаќачи ќе барате поагилно нешто да ви се испорача за тоа што плаќате, додека како обврзници и не мора да барате нешто за возврат. Критичарите велат дека наместо да измислуваме зборови со кои ќе се преправаме дека овие проблеми не постојат, треба работите да ги кажеме со вистинското име и да се потрудиме навистина да им помогнеме на сиромашните, бездомниците, државите, плаќачите на данок и на другите.
Но, да ја слушнеме и другата страна. Да видиме што е со етничките термини? На сите ни е познато дека припадниците на некои етнички заедници меѓу себе се нарекуваат со зборови со какви не сакаат другите да ги нарекуваат. И често не ни е јасно зошто тоа се случува. Но не треба ни премногу да размислуваме. Секој треба да се нарекува онака како што тој сака. Уште повеќе, ако некој од тие зборови бил употребуван со навредливо или омаловажувачко значење, барањето алтернативен или „политички коректен“ термин е сосема оправдано.
Кога политичката коректност е недвосмислено правилна? Тогаш кога таа помага да се избегне етикетирањето. Тоа е кога на некој поединец му се припишува некоја особина само затоа што е член на некоја група, нација, религија, град, партија или друго. Дали денешната генерација е виновна за злосторствата направени од претходната генерација, нивните татковци и дедовци на пример? Не, и тука мора да бидеме коректни. Но, дури и со ова мора да се внимава бидејќи во некои случаи се злоупотребува за да се затскријат злосторствата, како никогаш да не се случиле. Единствено коректно е ако јасно се разграничи што е што и кој за што е одговорен, и никој друг да не се обвинува за тоа освен оној што навистина е виновен. Во принцип е поедноставно одошто звучи, но во пракса, не баш.
Заклучок: политичката коректност може да служи и во лоша и во добра цел. За мачкање очи, криење на вистински систојби, но и за избегнување непријатни ситуации што не ни се сосема јасни, или воздржување од општи констатации и етикетирање. На сите треба да ни е јасно тоа, за да можеме да одлучиме колку коректни ќе бидеме.
Толку за политичката коректност овојпат. Иако знаеме дека е крајно некоректно на оваа тема да и се посветат само три минути. Но тоа можеби е и поради инсуфициенција на интелигенција