Ова е научно-фантастична приказна. Ја измисливме со причина.
Во далечната иднина, птиците еволуирале и станале разумни суштества. Почнале да комуницираат со јазик како и луѓето, да ги разбираат нештата на ист начин како и луѓето, да одат на училиште, да користат пари, да имаат лични документи, да формираат здруженија и политички партии и да влијаат врз општествениот живот и носењето одлуки.
Но птиците биле многу побројни, па нормално нивните гласови доминирале. Законите и одлуките се правеле според нивните потреби и можности. Парите од даноците се трошеле за да се направи тоа што нив им треба. Веќе не биле потребни улици и патишта, само столбови со стојалишта за одмор. Не требале големи влезови во зградите, туку ситни отвори кај покривите. Немало причина да се косат тревите и грмушките, зашто на птиците не им пречеле.
По некое време, за да може да се најде работа, да се заработува за живот, да се добие образование, да се учествува во политиката за да се носат одлуки – за сето тоа била потребна способност за летање. Кој не знаел да лета, не можел ниту нормално да се движи низ просторот зашто имало многу пречки. Летањето било основен стандард, почетен услов за нормален живот.
Луѓето се нашле во небрано. Зградите без влезови им биле непристапни, теренот без улици неповолен за движење, училиштата и факултетите недостапни, а работните места далеку над нивните физички можности. Да, вертикално над нив. Се обиделе да го кренат гласот за да се донесат и да се спроведат закони што нив им одговараат, но не успеале.
Сепак, птиците иако биле презафатени со водењето држави, бизниси, културни, спортски и други случувања, тие генерално биле добри и обѕирни. Виделе дека луѓето немаат исти способности со нив, па ангажирале птици-експерти за да им ги решат проблемите.
Експертите нашле решенија. За луѓето ќе се направат посебни простори каде што ќе има улици, посебни згради со влезови, ќе им се дадат дронови за да прелетаат до некаде ако мораат. Наоколу постојано ќе има медицински птици и помошен птичји персонал што ќе внимава луѓето постојано да бидат убаво згрижени.
Но луѓето рекле – ние не сакаме да бидеме згрижени, сакаме да живееме како вас, да се движиме каде што сакаме како вас, да влеземе секаде како вас, да добиваме работа и да заработуваме за себе. Не сакаме да бидеме со посебни потреби. Не можеме да летаме, но нашите желби и потреби се обични, исти како и вашите.
Тука завршува научно-фантастичниот дел од приказната. Ова не се случува во далечната иднина, туку денес, насекаде околу нас. Секој блокиран тротоар или раскопана улица во нашиот свет за луѓето со физичка попреченост се како немањето никакви улици во светот на птиците. Секоја непристапна зграда во овој свет е како секоја зграда без влез и со дупка на таванот во птичјиот свет.
Кога луѓето со попреченост добиваат специјален третман одвоен од другите луѓе, и кога социјалната помош се гледа како главен на грижа за нив, тоа е исто како згриженоста на луѓето во светот на птиците. Особено кога за нив одлучуваат само луѓето без попреченост, а тие се непретставени. Исто како птичјите експерти.
Затоа, целта не треба да ни биде да се задоволат посебните потреби, туку повеќе труд и општествена солидарност за да се задоволат обичните потреби. Еднакви можности за сите да ги развијат своите способности до максимум и да придонесат за општеството.
Катерина Спасовска Трпковска