Водич низ СКОПЈЕ

ДА ТИ НАЦРТАМ: ПОИНАКВА ПЕРЦЕПЦИЈА – ПОДЕЛЕНИОТ ГРАД

Ова е приказна од секојдневието. Ја напишавме со причина.

Во еден град живееле многу луѓе. Тие не биле исти. Поточно, воопшто не биле еднакви. На прв поглед имало две групи. На едната страна биле луѓето што имале се што ќе посакаат, а на другата луѓето што го имале тоа што им треба, но не го добивале тоа што го сакаат.

Посебните луѓе живееле во високите згради во центарот или во големите куќи на ридот. Обичните луѓе живееле во квартовите околу нив. Секој ден тие можеле да гледаат како живеат посебните и колку повеќе нешта им се овозможени.

Гледале како на посебните им е дозволен влез во секој ресторан, кафуле или ноќен клуб, како вратите широко им се отвораат уште пред да се приближат до местото. Гледале како тие можат да отпатуваат во секоја држава. Не само што не морале да размислуваат за трошоците, туку немале проблеми ниту со визите или со други документи. Гледале и како тие можат да учат во секое училиште или факултет, дури и ако не се целосно подготвени за тоа.

Но само гледале. Тоа било далеку од нив. Во ноќниот клуб за нив се кревала раката на вратарот, кој ретко ги пуштал внатре. За да отпатуваат некаде требало да пополнат многу документи, да платат многу пари, без да знаат дали ќе бидат вратени од амбасадата или од границата. За да се запишат на факултет или да добијат работа, морале да се борат со петмина кандидати за едно место.

На обичните ова воопшто не им било пријатно. Пред нив постои свет кој можеле само да го гледаат. Им требало многу труд и мака за да бидат дел од него, и тоа само на кратко. Се чувствувале исклучено.

За сето тоа време, некои стоеле отстрана и ги набљудувале обичните луѓе. Секој ден можеле да гледаат колку повеќе нешта им се овозможени на нив. Нешта што им биле недостапни на овие набљудувачи.

Гледале како обичните можеле да одат во продавница и да си го купат тоа што им треба. Гледале и со која леснотија тие влегувале во која било институција за да ги земат своите лични документи или други документи што им требале. Гледале како обичните, додека се деца, можеле да одат во кое било училиште и да посетуваат настава.

Но само гледале. Тоа било далеку од нив. Тие не се чувствувале, туку биле исклучени. Продавниците освен што биле непристапни за нив, тие залудно би влегле внатре зашто не можеле да заработуваат и не можеле да го купат ниту тоа што им треба. Понекогаш и личните документи им биле недостапни поради бирократски пречки, а без документите можеле да бидат само невидливи, фантоми. За нив имало едно училиште и немале друг избор.

Тука не завршува приказната, бидејќи ова е секојдневие. Тоа се менува, но тешко и бавно. Животот на луѓето од различните социјално ранливи категории е полн со толку многу предизвици што на обичниот човек му се тешко замисливи. Без разлика за кои категории станува збор – лицата со попреченост, лицата во социјален ризик, луѓето без документи, без дом, со мала или без никаква системска заштита.

Тие мораат да вложат многу труд и мака за да го добијат она што повеќето други го земаат здраво за готово. Но тие не се стигнале самите таму каде што се – во најзафрлените ќошиња на градот. Постепено биле потиснати таму во борбата да се добие што повеќе, во која не можеле да учествуваат.

Затоа е одговорност на сите е да не гледаат само на едната страна, туку да го свртат погледот и кон другата. Да направат колку што можат за да ги вклучат исклучените, не само со директна помош, туку и со подобрување на системот. Бидејќи и на маргините има потенцијали кои ако се остварат, ќе биде подобро за сите.

Катерина Спасовска Трпковска

Коментари