Водич низ СКОПЈЕ

ДА ТИ НАЦРТАМ: ПОИНАКВА ПЕРЦЕПЦИЈА – ЧУДНИТЕ ЕТИКЕТИ

Ова е приказна без смисла. Ја измисливме со причина.

Луѓето во една земја развиле невообичаена навика. Почнале да се распознаваат меѓу себе единствено според нештата што ги прават различни од другите. Според нешто на нив што е несекојдневно, необично, чудно. Нешто што може да се залепи како етикета.

Па така Гого почнале да го викаат Гого со големиот нос, Нана станала Нана со бушавата коса, а тука биле и Тио со кривите очила, Бобо со дебелите прсти, Ниа со долгиот врат и другите. Сите различни и сите препознаени само по разликите.

Оваа навика толку многу се проширила што по некое време дури и личните имиња станале непотребни. Луѓето кога разговарале едни за други зборувале за тој со ретката брада, таа со долгиот мал прст, тој со накривеното лево уво. Дури и ако немало некоја физичка особеност што можела да се види, се наоѓала некоја поинаква. Па во дружината се придружиле и таа што гласно зборува, тој што нема смисла за хумор, таа што е постојано нерасположена, тој што оди многу брзо, и многу други.

По неколку години, отпаднале и заменките. Сега во земјата ги имало само густите веѓи, долгите раце, длабокиот глас, брзозборецот, сериозниот. Се станало многу чудно. Како луѓето да ги снемало и да останале само нивните различности. Нивните карактеристики што ги правеле поинакви од другите како да станале целиот нивни идентитет. Но бидејќи се се одвивало постепено, луѓето воопшто не обрнувале внимание на тоа. Им било нормално. Не ни забележиле колку голема станала промената.

Толку многу се нормализирало препознавањето на луѓето според нивните разлики, што институциите дури почнале да им издаваат лични документи со такви називи. Лична карта за краткото стапало, пасош за белата коса, здравствена книшка за смешниот. Луѓето ги земале своите документи и се препознавале во нив, а ги препознавале и другите.

Еден ден својата лична карта ја чекал човекот со жолти мустаќи. Седел во чекалницата и на разгласот слушнал – „жолти мустаќи на шалтер број 7, ве молам“. Станал и малку се збунил. Зарем тоа е тој? Зарем тоа е се што е тој? Одеднаш извикал – „јас не сум само моите мустаќи, јас сум комплетна личност“! Одеднаш настанала штама. Сите го погледнале. Како да отворил нов хоризонт. Прво им бил чуден, но потоа виделе дека бил во право.

Кратко време потоа чудната навика ја снемало. Повторно се се вратило по старо. Личните имиња се вратиле во употреба, а луѓето се гледале едни други како комплетни личности. Не само како носители на некоја невообичаена карактеристика.

Тука завршува измислениот дел од приказната.  Вака изгледа секојдневието на голем број луѓе со попреченост, кај кои прво ја гледаме попреченоста, а потоа човекот. Вака изгледаат лицата кај кои прво се препознаваат пречките во развојот или други специфични состојби, секоја со свој медицински назив. Сите тие се комплетни личности. Со свои имиња, со припадност кон семејството и пошироката заедница, со свои желби, интереси, размислувања, со сите карактеристики што ја дефинираат секоја личност.

Зарем заслужиле да бидат гледани како поинакви само затоа што имаат некоја карактеристика различна од другите? Секако дека не заслужиле. Затоа нивните состојби треба да се гледаат само како состојби, а не како нешто што ја дефинира целата личност.

Катерина Спасовска Трпковска

Коментари