Водич низ СКОПЈЕ

Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Програмерот на воздухот

Правото на чиста животна средина е загарантирано со Уставот и со меѓународни конвенции.

Тоа може да се оствари само преку правото да бидеме информирани.

За тоа колку е загадена околината.

Една едноставна апликација им ги отвори очите на граѓаните.

На 26 години Горјан Јовановски веќе е градска легенда. Тој посакува никогаш да не постоеја причините поради кои стана познат. Но е среќен за својот придонес во борбата тие да се надминат.

„Па мислам дека после четири години постоење на Мој воздух веќе доволно луѓе знаат дека надвор е загадено, дека навистина имаме проблем со загадувањето веќе не е тоа знак прашалник“.

Црвените кругови со трицифрени бројки драстично ја променија свеста за загадувањето на воздухот. Пораката што ја проширија е едноставна: ова е страшно, мора нешто да се стори.

„Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Не креваат раце, туку ги засукуваат ракавите. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките услови. Се борат со бирократски лавиринти, недоречени закони, партиски притисоци, приватни интереси. И не се откажуваат. Тие се носителите на промени“.

На работа им помага на луѓето од целиот свет да земат здив од секојдневието и да отидат на патување. Работи како софтверски инженер за холандската компанија Букинг. Во слободно време им помага на скопјани и на другите луѓе во земјава да земат здив. Ја развива својата апликација Мој воздух.

Комплетно беше големо изненадување Мој воздух толку навистина да направи атракција кај луѓето, дека навистина ќе почне да се шерува по социјалните мрежи, да се симнуваат толкав број мислам над 10 илјади симнувања добивме само во првиот месец од Мој воздух што беше навистина за мене чудно и неочекувано за еден таков мал проект кој што не очекував дека ќе направи голем импакт“.

Малиот проект со голем импакт почнал како студентска вежба. Горјан се вежбал да направи апликација за оперативниот систем Андроид. Ги видел податоците на Министерството за животна средина и сфатил дека тие можеле да се претстават многу поедноставно. Така се создал Мој Воздух, кој за кратко време стана главен извор на информации за загадувањето на воздухот.

Апликацијата била инстант хит, но почетокот не и бил лесен. Горјан вложил многу за да се справи со нестабилноста и со изложеноста на хакерски напади. Корисниците биле воодушевени. Институциите, не баш.

Првиот маил кој што го добивме од Министерството за животна средина беше дека не им се допаѓаат боите во самата апликација., што беше како еден ироничен момент, но се надевам дека понатаму  започнавме полека соработка и со самото министерство, а се со цел колку толку едуцирање на граѓаните за да може да се постигне поголема свест, но и секако пружање на еден голем притисок врз самото министерство да сериозно го сфатат овој проблем“.

Мој воздух има податоци за:

  • Моменталното загадување на над 50 локации, од државните и од волонтерски мерни станици
  • Седум типа загадување
  • Историски преглед на загадувањето од јануари 2018 наваму
  • Мерач на политичките ветувања и исполнувања за почист воздух
  • И многу други податоци добиени од државните и од други мерни станици

Кога е црвено, сите се алармирани.

Но кога е зелено, се опуштаат.

Навистина ми е криво што некогаш луѓето забораваат дека иако може дојде пролет вака и сега се е чисто дека за неколку месеци повторно ќе дојде зимата и повторно ќе го имаме истиот проблем“.

Проблемите не се решаваат само со информации. Тие ќе вредат само ако предизвикаат вистински реакции. Решенијата се познати, но треба да се применат.

„Моментот е сега да се натераме да ги смениме нашите навики, да искочиме од нашата комфорт зона со цел подобрување заедничко на овој воздух. Многу сме зависни во Скопје на пример од колите, автомобилот да е главно превозно средство тука , но има многу алтернативни начини на превоз кој што можеме да го примениме со цел намалување на загадувањето. Истото е и за греењето во домаќинствата и секако правење повторно голем притисок врз фабриките кои секако дека допринесуваат за ова загадување и не се некаде во позадина“.

Горјан повторно ќе помогне како што најдобро знае, со технологијата. Мој воздух веќе се шири надвор од границите на земјава, а целта му е да стигне до вселената.

Се надеваме дека со соработката со Европската вселенска агенција ќе може да дојдеме до детални сателитски слики кои ќе прикажат точно каде е е изворот на загадувањетѕо, дали тоа би биле фабриките, домовите, пожари итн и ќе може да се интервенира точно на тие места“.

Младиот софтверски инженер често патува на релација Скопје-Амстердам. Патување што за него значи премин од почист кон понечист воздух и назад. Кога е во Скопје, најмногу го сака своето маало. И по децении градење, сообраќај, греење, сомнителна индустријализација и други погрешни политики што ја уназадија животната средина, се уште има места што изгледаат попристојно. Но ниту на нив им нема спас кога сивата покривка ќе легне врз градот.

За мене најубав дел од Скопје е Козле, зошто е мој дом, зошто тука израснав сите овие години и некако се уште се држи можеби покрај чистите делови, но скопската котилина е целосно зафатена од загадувањето во зима така  да нема најчист за жал дел во Скопје според сликите што ги гледаме од дроновите или од Водно кога ќе се качиме, навистина се гледа дека загадувањето го опфаќа целиот град и е жално што нема ете чиста еко точка освен врвот на Водно“.

За Скопје, Тетово, Битола, Кичево се вели – гледаат што дишат.

Гледа и Горјан, дури и кога е во Амстерам, и на сите им покажува што видел.

Со информираноста растат и политичките ветувања за почист воздух.

Но повеќето крукчиња на календарот на „Мој воздух“ и натаму се жолти или црвени.

Сепак, притисокот мора да се одржува.

Катерина Спасовска Трпковска

 

Коментари