Водич низ СКОПЈЕ

ДА ТИ НАЦРТАМ: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – ПОИНАКУ

ПОИНАКУ значи различно од она што веќе постои. Значи нормално, бидејќи нормалното, секојдневното е поинаку од она што треба да биде.

Во системите доминирани од две партии поголемиот број гласачи сметаат дека така било и така ќе остане. Сметаат дека гласот за некој друг е изгубен глас.

Но, најлесниот избор често пати и не е најдобриот избор.

Габриела Илиевска, специјалист, аналитичар во биохемиската лабораторија во битолската болница, есента 2017 година тргна на еден поинаков пат. Излезе на локалните избори во Битола како независен кандидат, без поддршка на партија. Причините се едноставни, паметни, практични, решавање на локалните проблеми на прво место. Ги има многу, а за нив како да нема место во програмите на големите партии.

„Луѓе кои ќе излезат од чопорот на политичките партии и кои сами ќе се изборат за место под сонцето во општеството“.

Граѓанскиот активизам во минатите години се покажа како водечка сила кон промените кои што ги посакуваат граѓаните. Битолските градски советници од Поинаку, попознати како независните, се пионери на општинско ниво. На локалните избори пред две години освоија две советнички места, со што, Битола е единствената општина со над 40.000 граѓани што има независни советници.

Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Не креваат раце, туку ги засукуваат ракавите. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките услови. Се борат со бирократски лавиринти, недоречени закони, партиски притисоци, приватни интереси. И не се откажуваат. Тие се носителите на промени.

Она што „Поинаку“ бараат да се промени има смисла за  секојдневниот живот на граѓаните. Во општиот метеж на партиски ветувања и заборавања, независните на Илиевска сакаат во Битола да биде поинаку, да биде нормално. Сметот да е собран, улиците безбедни, училиштата чисти и пристапни, што повеќе зеленило. За тоа да стане реалност, институциите и јавните претпријатија треба одговорно да си ја работат работата, а граѓаните да знаат на што се трошат нивните пари.

„Зошто општинските услуги да не бидат лесно достапни за сите? Општината не постои сама за себе или само за да ги остварува партиските интереси. За жителите од селата и периферијата на градот, битолските независни го туркаат проектот  „општина до секој жител“

„Да се постави канцеларија во руралната оласт и овде да се вадат документи. Општината да биде сервис на граѓаните, а не да губат ден, да плаќаат автобус..“

Многу корисни работи во градот можат да се направат бесплатно или со малку париНа пример, чистење на градот. Битола да заличи како градот на фотографиите, наспроти Битола од реалноста на Габриела (има убави кадри од двете) Затоа, независните организираат акции за чистење, а локациите ги предлагаат граѓаните, бидејќи знаат што најмногу им пречи. Но, на овој начин, наместо да ги поттикнат на повеќе работа, или како што вели Илиевска, да ги засрамат општинските служби за да се фатат за работа, ефектот е спротивен.

Направивме прошетка и до озлогласената депонија на периферијата на градот која со децении ги пречекува намерниците или случајните патници низ Битола. Тешко е да се разбере како за овој тежок еколошки проблем кој трае со децении, никој не може да се најде решение. Ниту општината ниту државата. Како на никого да не му пречи.

„Никој ништо не презема. Волку ѓубре нема никаде на светот!

Ѓубрето и загадениот воздух не се политика. Здравјето на граѓаните е заеднички проблем, не е битно дали сте на власт или во опозиција. Но, промени се можни само со притисок на јавноста врз политичарите. Преку преиспитување на одлуките, дали се во интерес на граѓаните или не, преку транспарентен буџет на општината и отворен избор на општинските функционери.

Од вкупно 80 општини плус Скопје, независни советници има во 17. Најмногу, по традиција, во Македонски Брод, пет советници. Радовиш има три.
По два имаат: Битола, Гевгелија, Градско, Долнени, Могила, Свети Николе и Чучер Сандево.
По еден: Дебарца, Долнени, Зрновци, Кавадарци, Кочани, Кривогаштани, Новаци, Петровец, Пробиштип.

Независните станале независни најмногу поради тоа што сметаат дека високите политики и главните партии не го решаваат шаренилото пролеми на локално ниво. Секој град е посебен со посебни проблеми и начини на решавање. Според тоа треба да се подредат и приоритетите.

„Приоритети мора да потекнуваат од граѓаните. Ние како Битола мора да се грижиме за Битола, а не да бидеме место каде што ќе се спроведува нешто што е замислено на партиски органи во Скопје“.

Има ли светло на крајот од тунелот? Зошто работите што логично треба да се сработат со цел да се подобри животот на граѓаните остануваат долу на списокот на приоритети или воопшто ги нема? Ветувањата од митинзите и предизборните прошетки низ народот бргу се забораваат. За да не им се случи тоа, битолските независни отворија канцеларија во центарот на градот. Да се постојано до граѓаните, да ги слушнат нивните предлози и да ги спроведат во актуелна политика.

Локалната самоуправа е место каде што се очекува најдиректно граѓаните да ги водат политиките, а не тие да зависат од големи и силни политички организации какви што се македонските партии. Од 1.347 советнички места во цела држава, само 30 освоиле независни советници поддржани од групи граѓани. Тоа е одвај 2%. Сите останати се преку партија.

Во амбиент на сиромашна политичка култура, сите иницијативи кои не доаѓаат од партиите или централата, лесно се отфрлаат како небитни. Иако го знаат полесниот пат, за Поинаку, влегувањето во коалиција со некоја партија, сепак, не е опција.

Добрите локални политики значат подобри услуги за граѓаните. Помал сообраќаен метеж, подобра комунална хигиена, почист воздух, безбедност на улиците, подобра социјална грижа, подобро здравје за граѓаните.

Се она што живот значи.

Катерина Спасовска Трпковска

Коментари