Водич низ СКОПЈЕ

Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Образувачот на личноста

Професор Ристо Чулев: Образувачот на личноста

Тајната на успешното образование е часот да биде пријатно поминато време. А не само наметната обврска за учениците. За тоа се потребни системски подобрувања. Но и просветен кадар што ќе ја донесе промената. Кога образовниот модел вели – запамети го напишаното, повтори го и добиј оценка, останува на просветните работници да кажат – научи, разбери, надгради се. Целта на модерното образование е да се развијат нивните вештини и способности од типот на креативно мислење, критичко мислење, решавање проблеми.

Луѓето како професорот Чулев имаат еден сон – образование во кое ученикот го има централното место. Образование чија цел е да создава личности. „Ова е мојот сон. Кога започнав да работам идеал ми беше да имам медијатека како професор. Сто и кусур филмови имав за воспитно-образовни цели и мав идеја да воведам видео лектира. Имам и други книги, наставни помагала. Сонот се уште не ми е остварен ама јас не се откажувам да го реализирам“. Една позната изрека за велосипедот вели – за да одржиш рамнотежа мораш постојано да се движиш напред. За професорот Чулев ова важи буквално додека да стигне во училиштето, и метафорички кога ќе влезе на настава. Како и велосипедот, и образованието не може да застане. Мора да оди напред, барајќи рамнотежа меѓу стекнатите знаења и животните потреби.

„Цел ми е да создадам личност. Како го постигнувам тоа? Со тоа што им давам апсолутна слобода на говор, на мисла, на чувство и на тој начин значи. Проблемски постапуваме кон секој проблем и заедно разговараме за тој проблем. Откако ќе ги исцрпиме сите одговори донесуваме заклучоци.

Ристо Чулев предава етика и филозофија во СУГС Георги Димитров во Скопје. Предмети кои му овозможуваат да го открива карактерот на учениците и да им пристапи непосредно. Тој смета дека таквиот пристап е можен кај сите предмети. Веќе изучил 17 генерации и е сигурен во тоа. Нивните лични потреби и интереси ги усогласувам со целите и задачите на наставните програми. И што? Секој одговор, секое точно знаење, секоја дефиниција, секоја идеја, секоја вредност мора да најде практична примена во нивниот живот о во нивното научно работење. Не знам дали е новитет тоа емоционално учење, емоционална писменост. Јас ги комбинирам сите овие теории за образование и за воспитание како едно, како подлога за современото, модерно образование. Просветните работници како Ристо Чулев ги креираат своите методи со кои отскокнуваат од стандардното предавање на дадениот материјал. Но тие не ги измислуваат од ништо. Се обидуваат во нив да ги вметнат придобивките од целиот историски развој на образованието и науката. Пребаруваат низ времето и низ просторот, барајќи знаења и методи што ќе им помогнат да го постигнат најдобриот баланс меѓу наставната програма и развојот на ученикот како личност.

Така, работата на многу научници и школи нашла примена на часовите што ги одржува професорот Чулев. Гешталтова психолошка теорија, основана на Универзитетот во Берлин во 1893 година. Ги истражува закономерностите на стекнувањето знаење. Абрахам Маслов, американски психолог од 20 век. Познат како креаторот на хиерархијата на потребите. Лев Виготцки, советски психолог од првата половина на 20 век. Ја истражувал т.н. културно-историска психологија. „Метод со кој што постигнувам успеси е методот на Виготцки, се разбира преку игра. Што значи преку игра во воспитно-образовниот контекст . Значи нема точен или неточен одговор кога истражуваме некој проблем туку има само свесен или несвесен одговор. И она што е следно за надредено учење според Виготцки, трите круга на Виготцки. Едниот круг оно суштинскиот што знае самото дете, што може самото дете да постигне, вториот круг е колку резултати може да постигне со мене како ментор, како педагог, како професор и третиот круг е што не може да научи.

Се што е дел од животот треба да биде и дел од образованието. Тоа е мотото според кое се води професорот Чулев кога ги развива своите идеи и практики за да постигне подобар ефект кај учениците. А дел од животот се и музиката, филмовите, книгите, како и практичните знаења и професионалните интереси. Градењето личности преку образованието мора да ги поврзе сите елементи. „Воведување на практично решавање на проблемите, емоционална писменост, видео лектири, потоа избор за професионална ориентација во четврта година ако има таков предмет значи сето знаење што децата го знаат ќе можат да го применат на најдобар можен начин, ќе ја освестат својата личност и ќе ги освестат своите чувства, значи они се носители на нивната најголема надеж, нивната иднина, нивниот живот. Како што самиот вели – квалитетното образование е второто име за среќа.

Катерина Спасовска-Трпковска

Коментари