Порано како ракометарка требало да ја погоди мрежата на голот.
Денес како активист треба да ја расплете мрежата на системот.
Судбините на многу луѓе зависат од тоа.
Секој човек има право на социјална сигурност, на здравствена заштита, секое дете има право на образование. Но не е доволно да се имаат правата.
„Оваа капија што ја гледате позади мене е, клиниката Мајка Тереза е малку повеќе и потешко проодна за Ромите бидејќи се соочуваат се уште со дискриминација и несоодветен пристап од страна на одредени здравствени работници“.
Задачата на Љатифе Шиковска е да се осигура дека оние што ги имаат правата навистина ќе ги добијат.
Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Што не креваат раце, туку засукуваат ракави. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките и сложени услови во кои треба да ја исполнат својата задача. Но не се откажуваат. Тие се НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ.
Гинеколошко-акушерска клиника, 4:00 часот
Љатифе добива повик среде ноќ.
Пациентка пред породување не е примена бидејќи нема документи.
„Јас веднаш се облеков и веднаш со такси дојдов на клиника за да овозможам безбедно породување на пациентката. И укажав дека на докторката дека вие како итни случаеви не смеете да ги враќате пациентите бидејќи се коси со законот за правата на пациентите и, за среќа, докторката веднаш реагираше, жената беше згрижена, и после 15 минути се породи. Што ќе се случеше ако јас не бев присутна тука? Дали постоеше опасност мајката и бебето да бидат во опасност ако не беа примени?“
Љатифе Шиковска не е правник, ниту има правно образование. Законите, конвенциите, правилата на системот, ги научила во невладината организација „Амбрела“ во Шуто Оризари, каде што две децении работи на остварување на правата на Ромите. Тука тоа не се прави само со конференции и работилници. Треба да му се помогне на секој поединец посебно.
Пример 1:
– 250 требаше изводот да ми го дадат веќе. Да не плаќам више. Јас уште една плус му дадов.
– Зошто? Како?
– Па тој ме тераше дупло уплатница.
– Чекај бе, како може дупла уплатница. Тие не ти ги важеше тој?
– Важеше бе, како не важеше.
– Ти сам тогаш беше?
– Да онаа ја платив, и кажав дај и тоа уплатниците.
– И ти му ги даде?
– Да.
– И зошто уште еднаш ти барал?
– Па не знам.
– И ти уплати?
– Да.
– Истиот ден?
– Да.
– Абе Кемо зашто бе така?
– Тој бараше.
– Па има шеф таму, ќе одиш кај шефот, шефе еве уплатници, тој уште ми бара мене. Научите се малку.
– Ќе дојдеш ќе видиш. Што да правам.
– Јас ќе ти се јавам утре или по задутре, ќе одиме заедно. Ќе ги спремиш документите и ќе одиме заедно на шалтер, јас ќе стојам на страна и да видам.
Пример 2:
– Четири ипол, направи наод, мислење во Симпо? Со лесна попреченост е, со тешка попреченост?
– Па за тоа од комисијата му е решено, ми дадоа решение.
– Му следува еднократна, му следува постојана парична помош?
– Следува, да.
– Во книшката има печат, има све што треба?
– Све, да.
– Добро, што е сега проблемот?
– Сега проблемот ми е за превозите, да, за превозите.
– За него или за тебе?
– За што го носам на часови, значи вторник и четврток сме на часови одиме. Од десет излегувам до четири.
– А, на вежби одиш. Во Симпо.
– На вежби, да, одам на вежби.
„Не секогаш државните службеници и оние институции каде што јас ја застапувам целната група со која работиме, не секогаш ги знаат одредени конвенции, дека Македонија е потписник, дека се ратификувани одредени конвенции во однос на правата и заштита на децата, да речеме во однос на економско јакнење и културолошко за жените генерално. За жал не секогаш тоа го знаат, па ние мораме да им укажеме на одредени законски регулативи, конвенциите кои се однесуваат во однос на човековите права, заштита на децата и други конвенции, така да со тек на времето одредени вакви бариери ги надминувавме“.
Малата портокалова куќа на НВО Амбрела служи како едукативен центар. Но, и како центар од каде се решаваат проблемите на поединците со системот.
„Јас не седам во канцеларија, мене канцеларијата ми служи само како еден технички сервис каде што се подготвувам, иначе во принцип сиве овие години работам на терен, бидејќи сметам дека токму на терен ја гледаш реалната состојба во однос на ситуацијата која се однесува на Ромите и врз основа на нивните потреби и проблеми ние креираме проекти“.
Шиковкса денес е директорка на Амбрела. Ниту директорувањето не ја задржува во канцеларијата. Има многу проблеми да се решат. Немање лични документи, немање социјална помош, здравствено осигурување, пристап до образование, пристап до правата што се загарантирани, но не и достапни.
„Еден од најгорливите проблеми во ромската заедница е токму немањето на лична документација“.
Најновата бројка е 680 лица без документи. Најголем број деца. Ако е потребна ДНК анализа, постапките може да чинат неколку илјади евра. Луѓето без документи често се многу сиромашни.
„Се уште имаме случаи кои ни чекаат од 2013, 14, 15, 16 сега најнови и 17 кои се уште ни се во постапка и се уште се во процес, и јас овде често доаѓам да видам до каде е постапката, кога ќе се издаде решение, бидејќи на овие лица и те како им е тешко. Премногу им е тешко бидејќи тие се невидливи за системот, се надвор од системот, и немаат права, на основни човекови права зборувам, каде што секое родено дете треба да има идентитет“.
Секој може да се загуби во пополнувањето документи. Особено најранливите групи. Без помош, дури и за да пополнат барање, тие не би останале ниту на маргините на системот. Би биле исфрлени од него.
„Се соочуваат со ситуација кога одредено право им е укинато поради икс причини, некогаш се оправдани, некогаш се неоправдани, тука ние нудиме и правна поддршка доколку сметаме дека одредено право без основа е укинато и поднесуваме претставки и жалби во подрачната единица за социјална заштита“.
Оној што ги познава законите не може да биде измамен за своите права или за правата на оние на кои им помага. Тука спаѓа и правото на образование.
„Законот за образование дозволува сите деца да се запишуваат во училиште, без разлика дали во тој момент има извод на родени или не. Законска обврска е на училиштата да ги примат. Ние овде во Браќа Рамиз Хамид немаме проблем. Но за жал имаме други општини каде што живеат Роми, а во моментот децата нивни немаат извод на родени, па доаѓаат до одредени административни бариери да не кажам и злоупотреба“.
Со својата работа луѓето како Љатифе Шиковска станаа неформални народни правобранители на најранливите групи во општеството. Тие би се откажале од оваа функција под еден услов.
„Нас ни е битно навистина, крајно време е да се најдат системски решенија, тие системски решенија мора да бидат со конкретни мерки и активности, акциони планови, стратегии, и посебни програми, преди се развојни, за да можат и Ромите да го најдат своето место во ова општество, бидејќи и ние придонесуваме кон просперитет и прогрес на нашата држава, бидејќи и јас учествувам преку одредени давачки кон државата и треба да знам каде се трошат моите пари. Како и секој граѓанин во нашата држава“.
Ќе го спасите светот само ако им помагате на луѓето еден по еден. Се друго е романтизам и политика – Чарлс Буковски
Катерина Спасовска Трпковска