Општина Центар се труди да одржи мораториум за градење.
Тој е резултат на необичен коалициски договор.
Меѓу граѓанско здружение и политичка партија.
Кога Јана Белчева Андреевска ја премина линијата од граѓанскиот активизам во политиката, знаеше дека влегува во експеримент.
„Политичката агенда ја немавме, ние ја имавме агендата дека сакавме овој простор да го видиме да биде поубав, поспокоен, побезбеден“.
Нејзината смиреност изненадува. Сепак, се бори против профитирањето од градење на најатрактивните градежни локации во земјата. Центарот на Скопје. Бидејќи приоритет се здравјето и безбедностана граѓаните. Но, јасно и е дека од оваа страна, борбата е многу поинаква.
Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Што не креваат раце, туку засукуваат ракави. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките и сложени услови во кои треба да ја исполнат својата задача. Но не се откажуваат. Тие се НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ.
„Една од спорните точки за кои реагиравме кога го гледавме предложениот план за Дебар маало, беше и оваа парцела позади мене, која е парцела за која намената беше хотел, кој требаше да биде хотел од 21 метар висина, како што гледате овде е една слепа улица, решението за паркирање би било многу сложено, и за застанување, кога и во овој момент е еден ваков сообраќаен метеж“.
Иницијативата „Во одбрана на Дебар маало“ се појави во 2016 година.
Во 2017 година прерасна во платформа „Здравје пред профит во Центар“.
„Нашата борба како здружение започна анализирајќи го планот кој беше предложен за Дебар Маало. Ние во тој план најдовмемногу недоследности“.
Белчева зад себе има граѓанско здружение и мнозинство во советот, до себе политичка партија и општинска управа, а пред себе згради. Многу згради.
Дебар маало, Холидеј Ин, Олимписки, Капиштец, Крњево, Илинденска, Скопје.
Со години се зборува дека центарот на Скопје стана бетонска џунгла, зграда врз зграда, не може да се дише. Но таму се уште има многу места каде што е планирано да се гради.
И после за глава ќе се фаќаме.
Масовното градење не значи одземање само на просторот каде што се гради зградата. Тоа значи дека повеќе луѓе ќе користат една околина, ќе се движат, ќе паркираат, ќе се приклучат на инфраструктурата.
„Параметрите на изграденост се надминувани многу пати, бројот на жители кој е предвиден далекусежно го надминува бројот на жители што е предвиден со ГУП, воопшто не се сметала потребата за јавен простор на жителите коиживееле таму, зеленилото е занемарувано во целост, често не е ни пресметувано, како резултат на сето тоа се појавуваат и проблеми со паркирањето“.
Проценките за заштита и спасување често содржат само општ заклучок. „Планот ги задоволува критериумите за заштита и спасување“.
„Граѓаните се несвесни практично за ризикот кога купуват станови во некои делови на градот, бидејќи таму воопшто не се размислувало за брза помош“.
Она што Белчева и нејзиното здружение се обидуваат да го постигнат е да го поништат принципот – штом има место, може да се гради.
„Ние сега сме на една раскрсница што може да поправиме од сите наследени состојби“.
На раскрсницата веќе не се само истомислениците од здружението. Тука се советниците како претставници на 50 илјади граѓани, жителите, сопствениците на имоти, инвеститорите. Сепак забраната за издавање градежни дозволи се продолжува повеќе пати.
„Мораториумот е сепак политичка одлука со која ние сакавме да направиме замрзнување на состојбите кои ги наследивме во момент во кој сите сме свесни за тоа неудобноста во градот во кој живееме“.
Притисок за да се укине мораториумот има не само од надворешни фактори, туку и од советници на мнозинството.
„Притисоците се нешто што сите ние како луѓе кои се занимаваме со различни области треба да знаеме да се носиме со нив, но треба и да бидеме спремни да не отстапуваме од принципите со кои сме влегле“.
За да се донесе детален урбанистички план, тој треба да помине низ:
- Стручните служби на општината
- Овластена компанија за изработка
- Министерството за транспорт и врски
- Град Скопје
- Локалната јавност на јавна анкета
- Други надлежни институции
- Комисија на советот на општината
- Советот на општината
- Само ако сите тие замижат може да се донесе лош ДУП.
- Советот на Центар има одбиено ДУП што бил прифатен од сите претходни институции.
„Ваква одлука за неприфаќање на измена и дополна на ДУП, кој претходно поминал во многу инстанци во државата, кои требале да ги согледаат овие пречекорувања или непостапувања или незаконитости што ги најдовме, не се случило до сега. Иако велам, ние сме само крајниот сегмент во носењето на урбанистичките планови“.
Со секое ново гласање, рокот на мораториумот се продолжува за три месеци. Секогаш има некој што се надева дека тоа ќе бидат последните три месеци. Но претседателката има поинаков рок.
„Тогаш кога ќе се направи корекција од страна на планерите полека мораториумот ќе престанува да важи односно ќе продолжат да се извршуваат нови планови кои ќе бидат со подобар квалитет“.
Мораториумот беше продолжен и покрај забраната од Уставниот суд.
– Но и покрај него имаше скандали со узурпација на земјишта…
– Најави за големи градежни проекти и одземање на јавниот простор
Од успехот на оваа иницијатива не зависи само што и колку ќе се гради во Центар.
Таа ќе биде тест колкава е моќта на граѓанскиот активизам да влијае врз политиката.
Катерина Спасовска Трпковска