Заштитата на културното наследство е една од проблематичните области во земјава.
Нема ниту доволно пари, ниту соодветни услови.
Личното залагање на поединци спасува многу предмети да не бидат загубени.
И многу приказни од минатото да не бидат заборавени.
Кога кустосот не може да отиде во музеј, музејот ќе дојде кај кустосот. Ова е животната приказна на Драган Величковски од Крива Паланка. Како дипломиран етнолог, не знаел што да прави во град што нема установа за таков кадар. Одговорот го нашол далеку од Паланка, далеку и од Скопје, во малото место Самоков, на семинар со професор од Словенија.
„Кога ме праша од каде си, од таму, па има ли Музеј таму во Крива Паланка, јас му кажав нема, па еве ти работа да основаш Музеј и да си добиеш вработување на некој начин“.
Музејот во Крива Паланка е еден од само два градски музеи во целата земја, кои не се основани од државата, туку од локалната самоуправа. И покрај многуте предизвици, работи успешно повеќе од една деценија.
Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Не креваат раце, туку ги засукуваат ракавите. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките услови. Се борат со бирократски лавиринти, недоречени закони, партиски притисоци, приватни интереси. И не се откажуваат. Тие се носителите на промени.
Ретко кој има можност да го оживее своето детство. Уште повеќе – тоа да му биде професионален ангажман.
Драган вложил дел од старите семејни предмети во музејот. Тоа го направиле и други паланчани.
„Јас израснав во градот Крива Паланка и тогаш се раснеше повеќе со повозрасните, односно се раснеше со баби и дедовци и во тие градски куќи јас на некој начин го мирисав сето тоа што значи дух и традиција на градот. И бидејќи во мојата генерација тоа веќе изумираше на некој начин сакав да го претставам на идните генерации, на моите деца, на нашите внуци. Поголем дел од градската поставка која што е тука ставена е впрочем една реплика на тој градски живот што јас сум го видел со моите детски очи, сите тие детали, финеси кои ги гледате тука, од варосувањето на просториите, до деталите на мебел , до деталите на мусандрите и на другите мебелни форми“.
Основањето локален музеј е сложен процес. Прво треба да се убедат градоначалникот и советот да ја поддржат иницијативата и да донесат одлука. Потоа да се најде зграда која ќе има изложбен простор, депоа и други услови. Следно – да се направи збирка од експонати која што ќе биде одобрена и валоризирана од Министерството. Треба да се најдат и стручни лица што ќе можат да одговорат на задачите. И секако – требаат пари за се што е нацртано да стане реалност.
Но ако општината ги донела актите, а донаторите ги дале парите, работата на Драган била лесна, нели? Само за тие што не биле во неговата кожа.
„Бараше жртвување на целото приватно време, на целото слободно време, пишување на огромен дел број на апликации до различни донатори кои што во најголем дел беа неуспешни на некој начин, односно не бевме препознаени од страна на донаторите, можеби во тој првичен период и немавме искуство, па правевме грешки најчесто. Меѓутоа ете подоцна дел од тие апликации беа успешни, можеби 10 проценти од нив беа успешни, но имавме среќа што тие поголемите беа успешни“.
„Го заокруживме тој концепт кој ние на некој начин го запишавме, го сонувавме, меѓутоа многу тешко беше да го оствариме бидејќи пред се се работи за финансиски срдства и се работи за поддршка од повеќе релевантни органи“.
Националните установи се редовно финансирани од државата, а другите мора да се борат за проекти. За директорот, законите се дискриминаторски во овој дел. Сепак, тие полека успеваат да привлечат и домашно финансирање.
Порано Паланка била полна со староградски куќи. Малку од нив останале денес.
Со посебна изложба на скици и цртежи, музејот ја оживува исчезнатата архитектура.
„Ова се мошне значајни цртежи… престојувале во Крива Паланка и Кривопаланечко“.
Да се биде директор на музејот во Крива Паланка не значи само да се седи на фотелјата во канцеларијата и да се кројат политики. Тоа значи и да се отвори сувенирницата кога ќе дојдат посетители, да им се покажат поставките, а кога е потребно, и да се засукаат ракавите.
„Ние сме или јас сум човек кој што сака да бидам детално вклучен во тие изведбени работи особено кога се монтираат поставките, така што заедно со моите соработници, а јас како лидер учествував во поставувањето на сите овие детали кои што ги гледате тука особено во тој градежен, монтерски и презентационен дел. Значи сите овие фотографии, телевизори, одредени амбиенти се поставени од наши раце и не се срамиме од работа, секојпат работиме максимално до крај, во рамките на своите сили и токму затоа ова така сите поставки и целиот Музеј изгледа концепциски добар, но и детално добар, добро разработен и презентиран, токму затоа што ние се ангажираме лично“.
Ова е реплика од актот за основање на Крива Паланка напишан на камена плоча. Тоа е еден од ретките градови во земјава што си ја знае точната година на основање.
Во 1633 година Бајрам Паша тука ја подигнал тврдината Егри Дере. Денес од неа е останат само еден ѕид.
Сардисан од приватни и од државни имоти.
„И покрај тоа што е прогласен за споменик на културата сепак гледате дека од многу страни е девастиран при што многу тешко е пристапен, а дури и многу тешко може да се изврши некаква негова поголема популаризација и презентација заради тоа што е недостапен од објекти“.
Но за Драган Величковски, ништо не е недостижно кога е во прашање зачувувањето на кривопаланечката историја.
Катерина Спасовска Трпковска