Водич низ СКОПЈЕ

Да ти нацртам: Носители на промени – Адвокатката на големата мачка

Енергетскиот развој на секоја држава e значаен за економскиот раст, индустријата, трговијата.

Обновливите природни ресурси во тој контекст се најважни.

При конфликт на енергетскиот развој и заштитата на природата – што ќе избереме?

Ана Чоловиќ Лешоска е биолог и еколошки активист. Во 2010-тата била поканета од Европската банка за обнова и развој да го каже своето мислење за нивниот проект – Хидроелектраната Бошков Мост, која требало да се гради во националниот парк Маврово.

На состанокот, јас го кажав моето мислење дека било каков инфраструктурен проект, кој не е во функција на заштита на природата, како што е хидроелектраната, не би требало да биде изграден во национален парк“.

За Ана и нејзините соборци од еколошките здруженија, Екосвест, Македонското еколошко друштво и Фронт 2142, следувало уште едно непријатно изненадување, кое силно ќе ги мотивира да влезат во повеќегодишна борба со силни меѓународни финансиски организации но и македонските институции, со главната цел: да ја заштитат природата и живеалиштето на загрозениот балкански рис.

Според Меѓународната унија за заштита на природата, Националниот парк Маврово е категорија два и во него треба да се промовираат единствено активности кои одат во прилог на заштитата на животната средина и живеалиштата на дивиот свет. Покрај Бошков Мост, во Маврово требало да се гради и акумулацијата Луково Поле и малата хидроелектрана Црн Камен. Изградбата на хидроелектрани, далноводи и друг вид инфраструктура не се посакувани активности во националните паркови.

„Се сеќавам на моментот кога ја слушнав информацијата дека првите истражувања на македонското еколошко друштво, во делот на програмата за закрепнување на балканскиот рис, доаѓаат токму од регионот на Тресонче и Селце, значи регионот каде требаше да се гради Бошков Мост и потврдуваат на некој начин дека тоа е живеалиштето на критично загрозениот балкански рис. За мене, тој момент беше клучниот, во кој се поврзав буквално со таа борба“.

Финансиер на проектот Бошков Мост требало да биде европската банка за обнова и развој.  Ана поднесува жалба веднаш штом банката го одобрува проектот за финансирање, тврдејќи дека ЕБОР ги прекршува сопствените процедури затоа што финансира проект кој е во конфликт со заштитата на дивиот свет.

Колебање или страв од големината на ваквите институции нас не ни беше предизвик на некој начин, бидејќи имавме претходно искуство со начините на кои функционираат, знаевме дека тие се базираат како институции на меѓународни стандарди и истите мораат да ги почитуваат .

ЕБОР испраќа независни експерти да ја проценат ситуацијата. Нивниот извештај летото 2013-та потврдува дека банката ги прекршила своите процедури. Неколку месеци претходно Ана поднесува жалба и до Бернската конвенција.

„Оваа конвенција е ратификувана од страна на Македонија и е конвенција која го штити дивиот свет и живеалиштата кои се од Европско значење. Во рамки на оваа конвенција, ние имаме обврска да воспоставиме заштитени подрачја, кои се водат како емералд мрежа“.

Борбата за Маврово не е едноставна и кратка. По година и пол, бернската конвеција отвора случај против Македонија. Во 2015-та доаѓа мисија странски експерти кои спроведуваат анализа на ситуацијата.

Во Декември 2015-та година, се донесе препорака од страна на Бернската конвенција, владата на РМ да ги суспендира хидроенергетските проекти во нациоанлниот парк Маврово и исто така препорача до меѓународните финансиски институции да ја преиспитаат својата одлука, на политички коректен начин кажано, да ја преиспитаат својата одлука во однос на финансирањето на хидроенергетските проекти во Маврово“.

Две недели подоцна Светската Банка го откажува проектот Луково Поле.

Европската банка за обнова и развој го откажува Бошков Мост во Јануари, 2017-та.

Покрај убедувањето на моќните финансиски институции, македонските еколози ја алармирале  и домашната и меѓународната научна јавност. 119 научници од целиот свет се потпишале на петицијата за напуштање на хидроенергетските проекти во Маврово. Околу 100 000 потписи се собрани и на петицијата за зачувување на популацијата на балканскиот рис.

За директорите од бордот на Европската банка за обнова и развој, тие подготвиле и убав, креативен подарок – кутивчиња со 5-денарки, од чија опачина ги гледал токму балканскиот рис.

„Им ги поделивме и ги прашавме дали природата има цена? Зашто треба да се замислат дека понекогаш било какви економски проекти, било какви инфраструктурни проекти за развој и раст на нашата економија, не можат да надоместат загуба на толку да кажам значаен див свет што ние го имаме. Македонија е држава која може да се пофали со многу висок биодиверзитет, но тоа нема да успееме да си го зачуваме, доколку дозволуваме изградба на инфраструктура буквално насекаде на нашата територија“.

Во борбата против изградбата на хидроцентралите во Маврово, се вклучил и самиот балкански рис.Поточно, мали рисчиња-кукли во плишана форма, кои протестирале на состанокот на бернската конвенција.

„Имавме една група од осум рисчиња кои протестираа, со транспаренти на самиот состанок. Ги наредивме, ни дадоа дозвола да ги наредиме и беа атракција таму, бидејќи сите делегации доаѓаа да се сликаат со рисовите. Имаше една многу интересна делегација на Луксембург , која дојде и се прекрсти во тој период како Lynxembourg , значи Lynx = рис. Беше многу интересно, бидејќи сите тие иако  беа државни службеници, доаѓаа и не поддржуваа, во нашите напори да го зачуваме Маврово“.

За својата посветеност за спас на балканскиот рис, Ана во Април оваа година ја доби и престижната награда за животна средина Голдман. Подобро позната како зелениот Нобел. Наградата се доделува на еколошки активисти од 6 региони во целиот свет.

Признание на добитниците им оддаде и реномираниот дневен весник Њујорк Тајмс, објавувајќи на целат страна фотографии на 6-те добитници и нивна куса биографија.

Ана и Екосвест даваат придонес за новата стратегија за енергетика на државата. Инсистираат на обновливи и одржливи извори на енергија, кои не ја уништуваат природата.

„ За жал во Македонија се планираат многу мали хидроелектрани. Самиот назив мали, не значи дека влијанието им е мало.  Можеби малку електрична енергија произведуваат, но прават голема штета на екосистемите, особено ако се постават во заштитени подрачја со висок степен на биодиверзитет и тука е всушност сега борбата“.

Тука е борбата и предизвикот. Но, тука се и посветените еколошки активисти и Ана Чоловиќ Лешоска во првите редови меѓу нив. Да ја штитат природата и чудесниот див свет во неа.

Никола Илиевски

Коментари