Водич низ СКОПЈЕ

ДА ТИ НАЦРТАМ: НЕ Е ДО МЕНЕ – СЛОГАН НА МАКЕДОНСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ

НЕ Е ДО МЕНЕ

Сите примери опишани во ова видео се вистински. Сe случуваат во Македонија. „На барање на преживеаните, имињата се сменети. Од почит кон оние кои не се веќе меѓу живите, се друго е кажано баш онака како што се случило“. *

Иако темата има многу нијанси, сепак, она по што главно нашата администрација се разликува од онаа во европски држави кои ги цениме како средени, со функционален систем и одговорни институции, е нејзиниот слоган. НЕ Е ДО МЕНЕ.

Пример прв. Нема учебници во училиште, веќе трет месец. Во обид да најдете одговор кај надлежните, од класниот раководител, директорот, министерството за образование, го добивате истиот одговор – Не е до мене. Иако сигурно сите тие земаат плата за да биде до нив и учебната година да почне со комплет учебници.

Пример број два. За неполна година по породилиштата низ земјата умираат над 100 бебиња. Наместо да се истражат детално причините и чија е одговорноста за оваа трагична состојба и веднаш да се реагира, од лекарите, директорите на болниците, па до оние со политичка одговорност од највисок ранг го добивате истиот одговор: Не е до мене.

И за третиот пример остануваме во болница. На преглед. Изнемоштени лица чекаат со часови да ја примат својата терапија или конкретно, хемотерапија. Нема ниту доволно столчиња за седење. Ќе тропнете од врата на врата да прашате зошто е така и тоа секој ден, ќе добиете одговор, Не знам, не е до мене.

Четврт пример. Ако под вашата зграда има продавница за месо претворена во полукафана која со незаконски изведена вентилација загадува цела зграда, околината смрди, децата играат врз пластови засирена крв, а станарите не можат да отворат прозор, се обидувате да најдете која институција треба да преземе нешто. Веќе погодувате. Во општинскиот инспекторат за животна средина, во градскиот инспекторат, инспекциски совет, кај државните институции, кај сите што се платени од нас граѓаните, да не заштитат од тие што ни го загрозуваат правото на чист воздух и чиста животна средина, сите креваат раменици: Не е до мене.

Петти пример. Паднал асфалт на улица, од камион со незаштитена приколица. Останува асфалтот и се претвора во џумка на која во наредните месеци, или години ќе внимавате да не скршите некој бандаж. Никој нема да го собере и се прашувате до кого е. Почнувате да се јавувате до надлежните и пак, не е до мене.

Шести пример. Возила крнтии кои со децении стојат околу зграда. Ќе се јавите до општина и откако ќе ве извртат по повеќе одделенија и демек надлежни, ќе добиете одговор: Не е до мене.

Пример број седум. Врева, метеж, лудување со автомобили среде ноќ на улица. Се јавувате во полиција. Ја знаете разврската нели, и самите сте се нашле во таа ситуација.

Е сега, замислете на пазар да ви продаваат скапани домати или бајат леб и да морате да ги купите. Продавачот да крене раменици, да каже не е до мене, да ви ги земе парите, а да ви ја наполни торбата со скапани производи.

Заклучок. Само државните институции во Македонија, платени со народни пари, го имаат луксузот да ви даваат скапани услуги, да ве шетаат од шалтер до шалтер, да креваат раменици и да велат Не е до мене. А, чекај, до кого е?

*Цитат од сцената на отварање на серијалот Фарго

Коментари