Водич низ СКОПЈЕ

ДА ТИ НАЦРТАМ: Корупција на мало

Братучетката успеала да се вработи преку партијата, а нема поим од работата што треба да ја врши. Браво, секоја чест! Ама – кога следниот пат ќе загубите цел ден, две третини од нервите, а и некоја пара на шалтерите и низ ходниците на државните служби, тоа е зашто зад вратите седат нејзините колеги, вработени на ист начин.

Имам една пријателка што постојано се вози со службеното возило, од работа си носи хартија за печатење и се што може да искористи. Браво, секоја чест! Ама – ако нема ќебе во болницата, парите отишле за бензинот и на пријателката.

Школскиот другар го исчистил целиот подрум. Но не ги чекал комуналните служби. Се снашол и најмил некој со камионче да му го исфрли ѓубрето во реката, за неколку стотки. Браво, секоја чест! Но следната есен, купи си вреќи со песок или кофи за црпење вода, ако затрупаната река се излее.

Ситната корупција не е проблем само поради директните штети што ги нанесува. Многу поголем проблем е што таа ја поттикнува културата на корупција. Поттикнува општество во кое не е важно дали се почитуваат правилата што се добри за сите, туку секој се обидува да искористи колку што може. Со таквата свест, борбата против крупната корупција е речиси невозможна, а државниот систем се повеќе ќе тоне.

 

Коментари