Убедливо наједноставното правило во секое цивилизирано општество е: фрли го ѓубрето прописно. Воопшто нема потреба од размислување. Постојат правила и тие треба да се почитуваат. Но, кога веќе не се следат правилата, треба да се кажат и причините зошто тие настанале. Во регион во кој често сме навикнати да ги бараме причините за нашите неволји во историјата, еве ја кратката, речиси измислена, но, многу реална историја на ѓубрето.
Ова е отпадот. Тој е наш непријател. Отпадот е составен од сосема обични предмети што сме ги фрлиле откако веќе не ни требале. Отпадот не постоел во праисторијата. Тогаш сé било ретко и сé се користело. Но, потоа луѓето почнале да живеат во поголеми населби и во градови. Имале повеќе и фрлале повеќе.
Во старите записи стои дека отпадот не го поднел лесно отфрлањето од човекот, и решил да се одмазди. Создавал болести, како чума, колера, тифус, шуга и други, бидејќи немало хигиена.
Луѓето биле во паника. Морале да се спасат. Затоа уште од пред 2.500 години создаваат правила за справување со ѓубрето. Првите правила биле наједноставни: ѓубрето да се изнесе неколку километри надвор од градовите и да се фрли таму. Познато? Да, сé уште го правиме тоа, во речиси сите градови во Македонија.
Но, отпадот не се предавал. Ја загадил околината каде што бил фрлен толку многу, што земјата станала неупотреблива. И толку многу пораснал, што почнал да се враќа во градот. Луѓето знаеле дека мора повторно да се соочат со својот непријател. Но и натаму ја потценувале неговата сила. Се обиделе со тактиката „раздели па владеј“ и почнале да фрлаат отпад и на други места околу градовите. Мислеле дека нашле решение за многу години. Но, тие години поминале.
Градовите се нашле среде обрачи од отпад. Сардисани, без одбрана, само го чекале ѓубрето повторно да тргне кон нив. Го гледале ѕверот како расте, но и натаму го хранеле, секој ден, со полни ќеси предмети што, едноставно, решиле дека веќе не им требаат.
Решиле да го нападнат со оган. Не знаеле дека огнот го прави посилен. Чадот го затрул целиот град. Но утредента, отпадот веќе го немало. Останала само пепелта. Помислиле дека нашле решение. Како во приказните за митските чудовишта, отпадот бара жртви за да ги остави другите на раат.
Продолжиле да го хранат, а кога ќе им се заканел, му возвраќале со оган. Затруениот воздух станувал сé поопасен. Но, мислеле дека цената ја плаќаат малкумина, сé додека и купиштата пепел станале преголеми и го сардисале градот. Пепелта не стоела во место. Ветрот ја носел многу побрзо назад во градот. Во меѓувреме, луѓето и натаму и натаму го хранеле отпадот. Сé повеќе и повеќе му помагале да расте.
Решиле веќе да не го палат туку да го затрупаат под земја. Повторно грешка. Ги затрул подземните води, почвата и храната. Отпадот и понатаму уживал во својата одмазда.
Дури кон средината на минатиот век, по 2.500 години борба, на луѓето им текнало што треба да направат. Само треба да престанат да го хранат отпадот, и да не му дозволат да расте. Почнале да го раздвојуваат. Тоа што е употребливо – стакло, пластика, хартија, метал – се рециклира. Тоа што скапува, и се враќа на природата. Така отпадот веќе не добива храна, не може да расте и полека исчезнува.