Водич низ СКОПЈЕ

Да ти нацртам: ДОЛЖНИЧКО ПРОФИТЕРСТВО

Еден лист хартија во продавница чини 0,3 денари, на фотокопир 1 ипол денар, а кај извршител 30 денари. Поштарот за 360 денари ќе го однесе писмото до странство, а извршителот за истите пари ќе го пренесе од неговата канцеларија до некоја институција во истиот град.

Од нашите тајни но многу сигурни извори дознаваме дека хартијата на извршителите не била со позлатени рабови, туку била истата како и во продавницата. Само била 100 пати поскапа зашто законот тоа го дозволувал. Истите извори, кои ве уверуваме дека се многу добри познавачи на проблематиката, ексклузивно за нас потврдија дека извршителитене користеле вселенски бродови за достава на писмата, туку обични превозни средства.

Извршителите ги знаеме како луѓето што присилно го наплатуваат она што некој не го платил кон оној на кого му должи. Извршителите се потребни. Тие се неизбежна алатка во секое општество бидејќи секој долг треба да се плати. Долгот на еден е платата на другиот, па ако тој не ја добие, нема да може да си ги плати обврските. Така и тој ќе се задолжи, па ќе задолжи некој друг, и се така во еден круг што ја блокира економијата.

За жал, голем дел од случаите што доаѓаат пред извршителите се за сметки за струја, вода или друго. Како на сиромашните присилно да им се наплати кога немале пари ни основното да го платат? Но, можеби вистинското прашање е како може толку многу долгови да се прават поради основните потреби на еден човек? За тоа треба да се погрижат институциите од социјалната политика. Најлоша пракса е кога социјалните проблеми се решаваат со непочитувањето на законот. Така, се повеќе луѓе ќе тврдат дека немаат пари да си ги платат обврските и никој нема да го проверува тоа. Бројот на сиромашните со морал ќе го надмине бројот на сиромашни со пари. Затоа е потребен систем што ќе ги заштити тие што им треба заштита и ќе ги казни оние што злоупотребуваат.

Во градењето на тој систем има доста работа и за извршителите. Но, од друга страна, не смее да се создаде ситуација во која некои групи во општеството се могу среќни кога има што повеќе неплатени обврски. Големите трошоци за извршување, кои предизвикуваат тешки лични и семејни драми, создадоа таканаречено должничко профитерство. Слично како и военото профитерство, и ова е профитирање на немоќта на другите, но во име на законот и на правото.

Министерството за правда подготви законски измени со кои трошоците за извршување ќе се скратат за четири до шест пати, а Собранието неодмна ги изгласа овие измени. Целта е – поправедна наплата за оној на кој му должат, со што помало оптоварување на оној што должи.

Некои трошоци се намалуваат за 10 пати, како изготвувањето налози за извршување. Налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице кое порано чинеше 20 евра, со новиот тарифник ќе биде 2 евра Листот хартија со новиот ценовник ќе чини еден и пол денар. А доставата на писмата 120 денари. Доколку во минатото, за неплатена сметка за струја од 11 илјади денари трошоците пред извршителот беа околу 5800 денари, со новите законски измени тиеќе изнесуваат околу 1700 денари.

Има начин како да се избегнат и овие трошоци – навреме плаќајте си ги обврските. Зашто како што вели нашиот цар Ѓорѓи Колозов – од треската се бега, ама од борчот никако.

Коментари