Водич низ СКОПЈЕ

Да ти нацртам: „CLICKBAIT“ | Како се мамат кликови?

ЗАДОЛЖИТЕЛНО ПОГЛЕДНЕТЕ: Правевме нова епизода на „Да ти нацртам“, и се случи ова: ја направивме! Морате да ја кликнете нашата епизода за clickbait! Овие пет причини ќе го изменат начинот на кој ги гледате мамците за кликови! Четвртата нема да ви се верува…

Нема да ви се верува каква врска е пронајдена меѓу риболовот и новинарството!

Се вика кликбејт и во буквален превод значи мамец за кликови. Тоа се наслови што треба да го заскокоткаат читателот да кликне на некоја приказна.

Погледнете како кликбејтот го промени информирањето!

Повторно со рибарски речник. Кога весниците и телевизиите беа главни, новинарството беше како ловење со мрежа. Медиумите ја фрлаа целата содржина одеднаш кон целото јато риби, без да знаат која на што ќе се фати. Денес тоа е како ловење со трска. Секоја статија е како посебен мамец и мора посебно да се продаде.

Еве како кликбејтот го уништува новинарството!

За ова, всушност, постојат различни теории. Од една страна, кликбејтот се смета само за нова форма на изразување, со која може да се пренесуваат и сериозни вести, како – „еве колку поскапел животот од лани до сега“. Од друга, се тврди дека тој неминовно форсира тривијални теми како „видете со колку мажи спиела оваа старлета“. За читателите, најважно е содржината да ги исполни очекувањата од бомбастичниот наслов. Но, бидејќи често се случува насловот да биде „видете што му се случило кога паднал во вода“, а текстот да биде „сe намокрил и излегол“, кај многу читатели опаѓа интересот за кликбејтови и тие поретко се користат за сериозни вести.

Петте најкористени кликбејтови што треба да ги препознаете:

  1. „Мораш да ме видиш“! Често содржат „фото“ или „видео“ во насловот и се однесуваат на најбесмислени ситуации „нема да ви се верува што се случило на овој брод“. Често содржат или асоцираат на голотија.
  1. „Треба да ме знаеш“. Ова се често совети кои немаат многу смисла. Пример „банките мразат кога им го правите ова“, но наместо практичен совет како да се добие подобра банкарска услуга преку ред, наведена е само некоја и онака позната работа.
  1. „Ќе те научам нешто ново“. Ова се текстови од типот „најдобро чуваните тајни од Втората светска војна“, и иако ги нема навистина најдобро чуваните тајни, може да има интересни информации за прераскажување во друштво. Вистинитоста е сомнителна.
  1. Недовршени информации. Најчесто се користат за да и додадат лажна важност на некоја не многу важна информација. На пример, под насловот „градските власти издадоа ново предупредување“, може да има едноставна информација дека тие што нема да платат билет во градскиот превоз ќе бидат казнети.
  1. Листи како оваа, со наслов „петте најкористени кликбејтови што треба да ги препознаете“.

Уживајте во кликањето, но не се фаќајте лесно на мамците.

Коментари