Бендови од Македонија, Грција и Србија и светски познатата британска музичарка Sonique ќе настапат на второто издание на Д Фестивал, кој ќе се одржи утревечер на дојранското крајбрежје. Туристичкиот центар на југот на Македонија очекува илјадници посетители од Македонија, но и од околните земји.
Музичката шареноликост, која ја нуди фестивалот, ветува одлична забава до раните утрински часови. Д Фестивал ќе го отвори легендарната македонска рок група Зијан. Публиката ќе има ретка можност да присуствува на концертен настап на бендот, кој остана запаметен по песнта „Пушти коси“. Потоа следува настапот на музичкиот состав Baildsa од Солун, Грција. Станува збор за бенд формиран во 2007 година, чија музика претставува мешавина од ска, реге и рап, зачинети со препознатливите балкански звуци.
Трети на бината ќе се качат членовите на српскиот алтернативен бенд С.А.Р.С., кои во последните неколку години, по издавањето на песната „Буѓав лебац“, стекнаа бројна публика во земјите во регионот. После полноќ на сцена ќе стапи ѕвездата на вечерта, Sonique, која стекна светска слава со хитовите It feels so good и Sky, издадени во 2000-та година. Тие и донесоа награда на престижние Brit Awards, како и место во Гинисовата книга на рекорди.
Билетите за Д Фестивал во претпродажба чинат 250 денари (4.00 евра), а на местото на одржување ќе се продаваат по цена од 300 денари (5.00 евра).
Артистите на Д Фестивал ќе настапат по следниот временски распоред:
21:00 – 21:30 – ЗИЈАН
21:45 – 22:45 – BAILDSA
23:00 – 00:30 – S.A.R.S.
00:45 – 02: 30 – SONIQUE
02:30 – 04:00 – ANTENNA 5 DJs