Една од најважните цркви за жителите на Минхен, „Света Маргарета“ која е сместена во работничката населба Сендлинг, преку целата година им служи на католичките верници. Сепак, неколку денови во годината оваа католичка црква е место каде доаѓаат верници од Македонската православна црква, кои се молат и слушаат богослужба.
Еден од тие денови е празникот Успение на Пресвета Богородица кога верниците заедно со свештеникот Миле Велјановски ја преуредуваат внатрешноста на овој историски католички храм. Петнаесет минути се доволни за католичката црква да се преуреди во светилиште за православните верници. Токму затоа оваа црква не е место каде религијата ги дели луѓето туку напротив ги обединува. Само малкумина луѓе надвор од кругот на православните христијани кои живеат во Минхен знаат дека и други верници покрај католиците ја почитуваат оваа црква исто колку и тие.
Отец Велјановски е свештеник од 2006 година. Одговорен е за православната заедница на Македонците за целиот регион на Јужна Германија и служи богослужба во повеќе градови. Македонската православна црква не плаќа никаков надомест на католичката црква или пак на Минхенската парохија за користење на оваа католичка црква како православно светилиште. Свештеникот ни објаснува дека ова е пример за добра волја и укажува на добрите односи меѓу двете цркви.
„Немаме никакви проблеми ниту со католичките верници. Додека држиме православна богослужба често влегуваат католички верници и многумина од нив се љубопитни да видат што се случува и остануваат во црквата“, вели отец Велјановски.
Католички верник од Германија влезе во црквата токму додека зборуваме со свештеникот. Кога слушна дека Македонците имаат литургија тој се насмевна и ни рече дека во болницата каде работи има многумина вработени од оваа земја и оти сите биле пријателски расположени. Во продолжение погледнете го видеото:
Текст: Милена А. Манасиева
Видео: Милена А. Манасиева, Виктор Козмеи
Целата приказна можете да ја прочитате тука.