Оваа традиција е на листата на УНЕСКО како едно од нематеријалните културни богатства на Турција.Неколку жени од мало село на југоистокот во Турција пеат песни околу огромниот аван направен од камен кој е наполнет со жито. Во рацете држат дрвени токмаци и наизменично удираат во аванот дробејќи го житото. Секој удар во аванот како да дава ритам на песната која жените ја пеат. Чиниш работата ја претвориле во песна.
По некое време на нивното место доаѓаат мажите. Пеат „машка“ песна и машки удираат во аванот дробејќи го житото. На овој начин започнува подготовката на традиционалното јадење кешкек кое е вековна традиција која се задржала само во некои делови од Турција. Цело село го готви ова јадење чии главни состојќи се житото и месото, а потоа и цело село со истото се гоштева. Кешкекот се готви за време на свадби, празници и други веселби, а некогаш кога се повикува дожд за годината да биде родна.
Во подготовката на јадењето учествуваат сите-од мажи и жени па се до стари и деца. Едните работат, а другите пеат, па потоа вторите работат, а првите свират на зурли и тапани. Подготовката е пропратена со гласна песна и музика, татнеж на зурлите и силниот удар на тапаните. Да се чуе до другото село дека се подготвува кешкек и дека има веселба. Откако житото ќе се издроби, заедно со месото се става во огромен бакарен котел чие дно е намачкано со пепел за да не изгори на силниот оган. Мајстори за ова јадење се таканаречените кешкеци чие знаење за подготовка на кешкекот се пренесува од генерација на генерација.
Кешкекот се готви цел ден и цела ноќ. Ако денот е исполнет со песни, ноќта се дочекува со шеги и приказни. Наредниот ден кешкекот се меша со дрвени мешалки се додека не се добие совршено зготвен кешкек кој потоа се јаде од еден заднички сад. Долго се подготвува, но брзо го снемува од чиниите, таква е судбината на кешкекот. Толку е длабоко врежан во традицијата на одредени групи што во Турција постои и село кое го носи името на ова јадење. На некои места пак често на неженетите момчиња или пак на немажените девојки „заобиколено“ им се дава до знаење дека им е време за мажење со прашањето „кога ќе го јадеме твојот кешкек“?
Текст: Александар Манасиев
Видео и фотографии: Министерство за култура и туризам на Турција