Водич низ СКОПЈЕ

Брзо, лесно и традиционално: пире од компири и од зелени домати

Ако ги следите тв-каналите за готвење, веројатно сте забележале дека нивните најпопуларни емисии се оние каде што се подготвуваат брзи, лесни и едноставни оброци, без премногу состојки. Тоа е разбирливо. Животот денес е брз и напорен, има премалку време за да се завршат обврските, а камоли за релаксација. И бидејќи храната е во голема мера одраз на културата и на секојдневието, такви станаа и оброците, брзи и едноставни. Но, кога станува збор за културата на брза подготовка и исхрана, нашата традиција може многу да покаже.

kompir_cover  pire_2  pire_3  pire_4

Обично најмногу се фалиме со традиционалните јадења што се богати. Ако отидете во некој етно ресторан, ќе видите шаренило за кое биле потребни часови за да се подготви. И многу пари, секако. Порано тоа било карактеристично за празниците, особено во зимата, кога немало работа во полето. И не за сите, туку само за поимотните семејства. Денешната идилична претстава што ја добиваме од туристичките села е далеку од реалната слика во минатото, во која сиромаштијата била постојан придружник на животот. На пример, што да се прави за време на жетвата, кога нашите предци ниту имале време да готват, ниту, пак, им останало многу што да јадат? Жетвата се вршела рачно, со многу луѓе, и морало да се заврши за што пократко време. Едно од карактеристичните јадења за тоа време било пирето од компири и од зелени домати. Особено во североисточниот дел од Македонија, во селата околу Крива Паланка и Кратово. Неверојатно едноставен рецепт. Еден килограм компири се вари со еден до два зелени домати. Или два килограма со два-три поголеми зелени домати, ако сакате да подготвите за повеќемина. Кога немало пластеници, доматите зрееле дури во август, па за јулската жетва биле достапни само зелените.

pire_9

Кога сето тоа ќе се свари заедно, доматите се лупат и се гмечат заедно со компирите додека не се добие изедначена смеса. Потоа се сечкаат две-три главици кромид, кој се попарува со врело масло за јадење. Се додава и сол, и сето тоа се промешува уште еднаш.

pire_7  pire_10

Кои биле предностите на овој оброк? Може набрзина да се подготви. Потребно е речиси исто време за да се направи и за само едно семејство, но и за многу луѓе. Варењето трае исто, без разлика дали има еден или пет килограми компири. А кога во селото имало работа, морале да се соберат многумина, но и да се нахранат. Лесна е подготовката, но лесен е и самиот оброк. По него луѓето можат да продолжат да работат. Потешката храна би им создала проблеми ако треба да бидат физички активни. Денес, пак, ова пире е подеднакво добро и како самостоен оброк, и како додаток на некоја побогата трпеза.

pire_11

Коментари