Водич низ СКОПЈЕ

Бродвејскиот мјузикл Ени стигна во Македонија

Едногодишната макотрпна работа, апсолутната посветеност и пред се безусловната љубов кон балетската уметност на кореографот Александра Никифоровски, се заслужни што в недела на големата сцена на МОБ, премиерно ќе се изведе балетската претстава Ени, работена по мотиви од прекрасниот мјузикл Ени од далечната 1976 година. Со оваа премиера Македонската опера и балет ја отвора сезоната 2013/2014. За инспирацијата за оваа балетска претстава, за емоциите и за сета своја енергија што целосно ја внесува во оваа уметност, Никифорофски зборува за читателите на Балкон3.

Eni plakat

Што ве инспирираше да ја направите Ени?

-Се што творам е од мојот реален живот. Јас не измислувам фиктивни приказни, но за да одговорам на Вашето прашање, морам приказната да ја вратам малку порано, пред Ени. Веќе неколку години успешно соработувам со Домот за деца без родителска грижа „11 октомври“. Во моето училиште за балет – Булфрогс, од неколкуте девојчиња кои почнаа да се занимаваат со балет, остана едно, кое е посебно талентирано и вистински го сака и ужива во балетот. Со задоволство можам да кажам дека тоа девојче е мојата инспирација да ја создадам македонската верзија на Ени.

Proba4

Како почнавте да соработувате со Домот 11 Октомври?

-Кога го отворив училиштето Булфрогс во 2009 година, почнав да работам само со 4 девојчиња. Имав чувство дека треба да сторам нешто повеќе, па така еден ден едноставно седнав во својот автомобил и отидов во Домот за деца без родителска грижа, каде што на мое огромно задоволство директорката веднаш го прифати мојот предлог за соработка. Веќе реков, почнаа повеќе девојчиња, но остана само едно и ние сме сега како семејство. Токму емотивната поврзаност со неа ја создаде балетската претстава Ени.

Каква е вашата визија за 13-годишната балерина од Домот 11 октомври?

-Да бидам искрена, јас неа ја гледам како прима балерина. Таа секако ќе продолжи во средно балетско училиште,  а понатаму и на Балетска академија. Токму за таа цел дел од средствата од продадените билети ќе бидат наменети за нејзиното понатамошно образование.

Proba Proba6

Ќе ни кажете ли нешто повеќе за Булфрогс?

Во моето училиште има околу 80 девојчиња кои се поделени во неколку групи во зависност од возраста. Се изучува класичниот балет, а јас и моите соработници несебично и целосно ја внесуваме и енергијата и знаењето на секој час. Децата тоа го гледаат и учат. Кај нив нема љубомора, иако мора да кажам дека постои натпревар со цел да бидат се подобри и подобри за да добијат некоја од улогите кога работиме конкретен проект.

Колку време го работите овој проект?

-Ени ја работам речиси цела година. Конкретно станува збор за копродукциски проект на Булфрогс и МОБ, а финансиски е поддржан од Министерството за култура. Во проектот Ени, освен моите девојчиња, како што јас си ги нарекувам, учествуваат солисти од Македонскта опера и балет. Всушност, главните улоги на возрасните ликови во претставата ги играат балерини и балетани од МОБ, а во ансамбловите игри учествуваат гости од Република Бугарија. Соработката со МОБ е од огромно значење, па таа подразбира дека ЕНИ ќе се игра на големата сцена во МОБ, секојдневните проби се одвиваат во една од салите на МОБ, а секако имаме голема помош за костимите, за сценографијата.

Proba1

Колку се сака и колку се почитува балетот кај нас?

– На мое задоволство, во последно време се повеќе. Тоа го гледам и по бројот на моите ученици кои од година в година се зголемува, а и по односот на родителите кои на своите деца сакаат да им пренесат вистински вредности. Огромно е задоволството да се создаде едно балетско дело кое ќе ве остави без здив, не само заради техничи одличната игра, туку пред се заради емоциите што ќе ги предизвика кај публиката. Верувам дека токму ЕНИ ќе има таков ефект в недела кај сите кои ќе присуствуваат на премиерата  во МОБ.

А.Б.

Коментари