Бигорскиот манастир го прослави раѓањето на својот патрон свети Јован Крстител. Во манастирот голем број верници ноќта заедно со монаштвото ја минаа во бдеење па од утрината еден од најубавите македонски манастири беше полн со верници од цела Македонија.
Манастирот зрачи со духовност, како негова одлика е прекрасното старо византиско пеење на монасите, но во него има и дел од моштите на св. Јован Бигорски, односно специјално се чува дел од коска од десната рака на светецот. За неа се говори дека постојано испушта течност (миро) , но и посебен убав (смирувачки) мирис како доказ дека е дел од моштите на еден од најголемите христијански светци.
Овој свет храм како да се вгнездил крај бисерните води на реката Радика, во прекрасното шаренило на бујните шуми и раштркани карпи, по стрмните падини на Бистра. Тука, во манастирот, владее целосна невременска тивкост, во чија позадина е непрекинатиот исон на бисерните води на Радика и бујните млазеви на манастирските чешми“, пишува на интернет страницата на Бигорскиот манастир (http://www.bigorski.org.mk).
Описот продолжува со тврдење дека „ова древно светилиште, што го зема здивот на обичниот намерник, во ваквиот вонвременски декор, крие нешто повеќе од убава глетка. Со сите свои убавини, тоа е сведок на една подлабока убавина, во чиишто пазуви се крие сета негова тајна. Тајната на Бигорскиот манастир се крие во жедта човекот и светот да се преобразат, да постанат нов човек и нов свет. Неслучајно манастирот го носи името на последниот старозаветен пророк, којшто, со својот рамноангелен живот, бил совршен пример за оние кои обитавале овде.“
Еве неколку фотографии кои екипата на Балкон3 ги направи за време на прославата на патронот на манастирот:
Текст и фотографии: Миле А. Ристевски