Балканскиот филм на дланка. „Битката“ со холивудските блокбастери може да почне. Балкон3 Ви ја претставува филм и видео платформата Алтсин, проект целосно и непоколебливо посветен на промоција на балканската кинематографија. Организирање интернет фестивали, новости и информации од филмскиот свет, статии, рецензии, критики се само дел од активностите на Алтсин. Без дилема најголем успех на Алтсин е што за две години постоење, во својата интернет кинотека успеа да собере корисни информации за 1034 филмски наслови и 8244 актери и филмски рабтници од Балканот. И секако, не планираат да запрат на овие бројки.
Altcine е платформа основана во 2011 година од Електра Венаки. Актери, продуценти, филмски техничари и филмската индустрија како целина имаат место на кое можат да комуницираат, да бидат во постојана интеракција со својата публика и да ги споделуваат заедничките интереси, со цел промовирање на филмските и видео продукции од балканските земји ширум светот. Филмските фанови од целиот свет имаат шанса да погледнат кон кинематографијата и киното од една сосема поинаква перспектива. Мисијата на Алтсин е да се зачуваат културните разлики помеѓу луѓето и народите, да се едуцира публиката и да се отворат нови врати за успех на уметници и професионалци во една мултикултурна средина.
Во 2012 година, по повод првата годишнина, Алтсин го претстави altcineAction!, првиот онлајн фестивал за краткометражни филмови од страна на балкански продуценти. Овој фестивал е навистина иновативен бидејќи им пружа шанса на младите филмски режисери и продуценти од Балканскиот регион да ја презентираат својата работа пред многубројната интернет публика.
Второто издание на altcineAction фестивалот е веќе во тек. На него можат да учествуваат кинематографи помлади од 35 години, а нивните филмови не смее да бидат подолги од 15 минути. Филмовите се прикачуваат на индивидуална веб страна, но примањето филмови трае додека не се исполни фестивалската квота од вкупно 360 минути. Потоа остварувањата се ставаат на тест пред немилосрдната интернет публика и почнува гласањето. Станува збор за одличен и иновативен концепт, кој ги охрабрува младите режисери да создаваат филмски дела.
Во 2012 година, фестивалот привлече 48 филма од 8 земји, 3500 критичари и 2900 регистрирани корисници, воедно нудејќи вредни награди овозможени од врвните фирми во аудиовизуелниот сектор.
Во моментот, Алтсин е дружина од реномирани професионалци од Грција во сферата на киното, аудиовизуелните уметности и информатичките технологии. Овие луѓе, без разлика на суровата економска клима, се посветени да креираат модерна, лесно користлива Интернет средина која ја промовира Балканската кинематографија.
Со задоволство сакаме да ја најавиме соработката помеѓу нашата веб-страна Балкон3 и грчката видео и филм платформа, Алтсин. Соработката ќе се состои од објавување интервјуа со филмски работници, промовирање на балканската кинематографија, презентирање куси филмови – учесници на AltcineAction фестивалот.
Благоја Стаматовски