Водич низ СКОПЈЕ

Банско – Балканскиот Сент Мориц

„Цената на дневниот ски – билет чини 55 лева или околу 28 евра, па самите пресметајте дали е тоа скапо или евтино. Сепак ќе скијате на истите стази на кои скијала речиси целата светска елита во овој спорт, почнувајќи од Алберто Томба, Бојан Крижај, Херман Маер, Михаела Дорфмајстер, Ања Персон, Линдзи Вон…“

„Пред почетната станица на гондолата во Банско или како што Бугарите го викаат „кабинков лифт“, во девет часот наутро е вистинска врвулица. Едно февруарско утро и јас со скиите на рамо стоев во долгата колона луѓе, кои говореа на различни јазици. Иако за да се дојде до место во гондолата се чекаше и подолго од половина час, кај луѓето не се чувствуваше нервоза. Веројатно сонцето и снегот, врз нив делуваа смирувачки. Но, сигурен сум дека сите беа нестрпливи што побрзо да уживаат во скијачките стази распослани на северните падини на планината Пирин“.

Понекогаш природата и човекот заедно умеат да создадат прекрасни дела, а Банско дефинитивно е доказ за тоа. Од мал скијачки центар со неколку жичарници и ски-лифотви, и стари хотели, за десетина години, малото гратче со околу 10.000 жители се претвори во балкански Сент Мориц. За тоа придонесоа изградбата на голем број нови хотели и инвестицијата од 130 милиони евра во модерен ски-центар. Денеска Банско е најатрактивната зимска дестинација во Бугарија, но и во регионот, со скијачка сезона која трае речиси половина година.

Од градот до скијачките терени може да се стигне со автомобил или со гондола. И за едното, и за другото се потребни околу 25 минути. Се разбира, возењето со гондола е многу поинтересно, но и поскапо. Билетот за едно лице чини десет евра.

Кога се возите во гондолата или на некоја од жичарниците можете да чуете различни јазици, бидејќи Банско привлекува туристи од цела Европа. Најбројни се Англичаните и Русите, а не заостануваат ниту посетителите од соседните земји Македонија, Грција, Србија и Романија. Годишно Банско го потсетуваат над 600.000 туристи.

Прекрасната природа и дивите планински предели наликуват на зимски пејсаж насликан од рацете на врвен сликар. Особено е импресивен погледот додека се возите на жичарницата кон највисоката скијачка патека, Бундерица, која се наоѓа на надморска височина од 2560 метри.

А, потоа… Е потоа следува ново задоволство додека со брзина од педесетина километри на час се спуштате по одлично подготвените ски-терени. Нормално, следува загревање со кафе или чај, задоволство кое ќе ве чини од едно до две евра или пак освежување со пиво, за кое ќе треба да одвоите три евра. Вкупната должина на 16-те скијачки стази е над 75 километри, а цената на дневниот ски – билет чини 55 лева или околу 28 евра, па самите пресметајте дали е тоа скапо или евтино. Сепак ќе скијате на истите стази на кои скијала речиси целата светска елита во овој спорт, почнувајќи од Алберто Томба, Бојан Крижај, Херман Маер, Михаела Дорфмајстер, Ања Персон, Линдзи Вон…

„Секој февруари светската ски елита ги испробува силите на патеката „Томба“, која името го добила по италијанската скијачка легенда Алберто Томба. Мештаните раскажуваат дека подготовката на стазата трае подолго од еден месец.“

Од 2008 година во Банско се одржуваат натпревари во рамките на Светскиот куп во скијање – најпрестижното натпреварување во овој спорт. Секој февруари светската ски елита ги испробува силите на патеката „Томба“, која името го добила по италијанската скијачка легенда Алберто Томба. Мештаните раскажуваат дека подготовката на стазата трае подолго од еден месец. Ова е еден од најзначајните спортски настани во Бугарија, кој привлекува илјадници гледачи од земјата и од соседството.

И на оние, кои не се по зимските спортови, нема да им биде здодевно. Во сите хотели има затворени или отворени базени, сауни, фитнес сали… Во Банско денес има околу 200 хотели, но сеуште интензивно се гради. Цените се различни и за еден полупансион се движат од 20 евра, па нагоре. Посебна атракција во Банско се популарните „механи“, гостилници во кои може да уживате во традиционални јадења и бугарска народна музика за прифатливи цени. Оние кои се расположени за поинаков вид забава можат да изберат помеѓу големиот број пабови, ноќни клубови и дискотеки.

Посетителите од околните земји до Банско најчесто патуваат со автомобил. Од Скопје до Банско има околу 260 километри и се оди преку граничниот премин Деве Баир. Доколку не чекате на граница и временските услови се добри за возење, патувањето трае четири часа.

Од Солун е малку поблиску и растојанието од 220 километри се минува за нешто повеќе од три часа. Туристите од Грција кон Банско патуваат преку граничниот премин Кулата. Од Истанбул до Банско има 573 километри и веројатно тоа е една од главните причини што таму речиси нема туристи од Турција. Посетителите од подалечните европски земји најчесто патуваат со авион до Софија, а потоа со автобус до Банско. Како и да патуваат, мислам дека сите си заминуваат со прекрасни спомени од скијачкиот центар, кој заслужено го доби епитетот „Скијачкиот дијамант на Источна Европа“ (The ski diamond of Eastern Europe).

Мирко Трајановски

Коментари