Со растот на температурите и доближување на летните одмори, расте и интересот за туристичките дестинации. Балкон3 овој пат одлучи да ви претстави едно поинакво туристичко место каде можете да ги поминете летните одмори.
Ние ќе се обидеме со помалку зборови, а со повеќе фотографии, да ви прикажеме што пореална слика за Ксамил. Мало туристичко село кое се наоѓа во јужна Албанија, поточно 18 километри јужно од Саранда.
Ксамил е погоден за семеен туризам и е единствена крајбрежна дестинација каде можете за 200 албански леки (100 денари) да се качите на чамец и да одите на ручек на островот карши или да изберете еден од посакуваните острови за прошетка на кој ќе го чувствувате силно изразениот мирис на јод.
Ксамил е едно од малкуте крајбрежни села во Албанија во кое можете да допливате од еден до друг остров, но за ова освен што е потребно да бидете добар пливач, потребна е и голема храброст.
Ова порекрасно место, исто така, е омилена дестинација и за голем број туристи од Македонија. Но проблем за тие што не сакаат или ги мрзи да возат е долгото патување, некаде околу 500 км. До Ксамил од Македонија може да се стигне и преку Грција, а всушност тоа е и најдобро поради подобриот пат.
А за тие што сакаат да им се крева адреналинот, можат да одат преку Албанија, поточно да преминат преку врвот Логора.
Тие што со за Ксамил патуваат преку Албанија, треба да знаат дека патувањето им овозможува да ги доживеат сите убавини што ги нуди јужното албанско крајбрежје.
Во текот на патувањето ќе поминете низ приватни плажи, девствени заливи, речни утоки, бункери и одлични карпести предели. Самото патување ве исполнува со адреналин и едноставно, не ве прави само патник, туку и истражувач.
Така што, не треба да се двоумите, ова лето посетете го Ксамил.
Бедри Реџалари