Водич низ СКОПЈЕ

Балкон3 рецепт за појадок: Гибаница

TR GR EN

Гибаницата најчесто се јаде за доручек, но гурманите не ја одбегнуваат во било кое време од денот. Се јаде со кисело млеко, но може и со свеж зеленчук, домат или краставица, или пак кога веќе се мислите, може ајде и со црвено вино под услов ако се јаде во зима.  gibanica 063

Состојки:

1/2 кг готови кори за Гибаница

200 мл. пресно млеко

200 мл. јогурт

200 мл. масло за јадење сончогледово

1/2 кг дробено сирење (кравјо)

200 мл. кисела вода

3 јајца

gibanica 057  gibanica 061

Подготовка:

Пресното млеко, јогуртот, киселата вода, јајцата, дробеното сирење и маслото за јадење се мешаат во подлабок и поширок сад. Откако состојките ќе се соединат и смесата ќе стане компактна, секоја кора една по една се става во смесата за да прими од состојките. Не треба да се држи во смесата подолго време, туку едноставно само да се потопи. Потопената кора се става во намрсено тавче. Корите се туткаат во тавчето една до друга. Во зависност од желбата на домаќинката или домаќинот, кората може да се стутка долгнавесто или пак во форма на круг, но важно е да бидат збиени една до друга бидејќи при печењето ќе нараснат заедно со приготвената смеса. Се остава една кора на страна која не ја ставаме во приготвената смеса. Таа кора се става најгоре во тавчето, односно сите кори се покриваат со неа. Откако сите кори ѓе ги потопите и наредите може од смесата да остане, но тоа не е проблем, туку уште подобро. Останатата смеса ја преливаме врз веќе приготвените кори.  Откако сите кори ќе бидат наместени во тавчето во претходно загреана рерна на 200 степени целзиусови, гибаницата се пече на таа температура еден час. Јадењето е готово кога ќе видите дека корите се заруменети. Се вади од рерната и по желба може да се стави одозгора рендан пармезан кој е еден вид новитет за ова традиционално јадење одамна познато кај балканските народи.

Гибаницата е традиционалчно балканско јадење. Се правело од дамнина за дома како едноставно, секојдневно јадење, но ќе ја сретнете и на коктели и свечени вечери како предјадење. Рецептот кај балканските народи може да варира и во блага варијанта со смеса од јаболки, но сепак на крајот од неа да не излезе штрудла. Многу видови гибаница или бурек има низ сите земји на Балканот, од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Грција, Турција, Бугарија каде ова јадење се вика баница.

Според стари записи во прашливите библиотеки најдовме докази дека гибаницата се правела уште во византиско време, а била неизоставен дел од софрата во отоманската империја. Уживајте во појадокот со Балкон3 и не заборавете да ни испратите свој омилен рецепт кога ќе се сетите:)

Љубица Ристеска

Коментари