Водич низ СКОПЈЕ

Балкон3 на Бит-пазар во Берлин

EN

Рачно изработен мебел, чудна колекција на кукли, стар накит, антиквитети, гас-маски, облека од Источна, но и од Западна Германија, свежо приготвена храна и уште илјадници нешта за кои воопшто и не сте помислиле дека може да ги најдете на некој пазар, Балкон3 ги пронајде на бит-пазарот во Берлин, Германија.

Зимата пополека си заминуваше , но студот се уште го обвиткуваше Берлин со сета своја жестина. Така не дочека овој најголем град во Германија каде секогаш има што да се прави. Ако случајно го посетите градот во недела, Балкон3 ви го препорачува бит-пазарот на Мауерпарк отворен во 2004 година. Можеби не сте знаеле, но зборот бит-пазар е турска кованица изведена од зборовите „bit” што значи болва и „pazar” што значи пазар или во буквален превод болвин-пазар.

На пазарот во Мауерпарк во Берлин (парк покрај ѕидот) нема да најдете болви, но ќе најдете се останато што можеби некогаш ќе ви притреба, но и стотици нешта за кои нема да знаете ниту каква им е намената. Бит-пазарот за кратко време прерасна во една од најзначајните атракции на отворено за време на викендот во Берлин. Во недела илјадници жители на градот, а уште повеќе туристи се упатуваат на улицата Бернауер број 63. Не можете да го промашите пазарот бидејќи сите штом слезат од метрото се упатуваат во тој правец, а ја следат вревата и миризбата, најчесто на купус.

Иако улицата Бернауер не е многу жива во недела тогаш не очајувајте бидејќи на бит-пазарот буквално е преполно со луѓе. Дента не дочека врнежливо утро, но тоа не беше пречка пазарот да биде преполн со посетители, подеднакно домашни, но и туристи. Првите ќе ги препознаете по фактот што таму одат навистина да се „подноват“ со некој антиквитет или пак да купат користен телевизор, апарат за домаќинство и слично, а вторите ќе ги препознаете по тоа што постојано ја фотографираат секоја тезга, притоа купувањето го оставаат како споредна работа.

Уште на влезот ќе ве дочекаат разновидни мириси и мешавина на бои од тезгите на кои се продава се и сешто, без некој посебен ред. Не може со сигурност да се каже дали повеќе има облека, користени предмети или пак некоја рачна изработка или друга уметност која се прави пред вашите очи. Има изработувачи на накит, некои плетат облека, некои готват, а некои пак цртаат на отворено. Посебно интересни беа капите изработени од вреќи за кафе чија цена беше од 19 евра па нагоре.

На пазарот се добредојдени и сиромашните и богатите, всушност тука не се прави никаква разлика бидејќи сите заедно се измешани во масата па секој може да си одбере нешто според тоа колку му е „длабок“ џебот. Сепак, за цената дури можете и да се ценкате. На пример може да се купи капут, скоро нов, кој го користеле војниците од Источна Германија за околу 15 евра или пак раритетни фотоапарати на кои цената им е од неколку десетици евра, па нагоре. Некои производи може да ве изненадат, како на пример колекцијата лего коцки кои Германец ги собирал како дете, но сега одлучил да ги продаде.

Голем интерес привлекуваше и колекционерот на пивски чаши, кои ги имаше во разни форми, големини и бои.

Млад брачен пар пред нашите љубопитни очи купи старо парче мебел кое го качија на велосипед и задоволни си заминаа. Тешко дека можеме да понесеме назад во Скопје некој раритетен мебел од Источен Берлин, па затоа се одлучивме за нешто помало, како рачно изработен накит. На повеќе од десет тезги се нудеше разновиден накит, но една од нив посебно се издвојуваше со накит од 60-тите и 70-тите, па купивме обетки за подарок како сувенир од прекрасниот бит-пазар во Берлин.

Пазарите се одлично место да дознаете за културата на една земја, на мало место да видите уметност која се создава пред вашите очи, да ја пробате локалната храна, да запознаете авангардни луѓе, да го видите минатото, но и да ја почувствувате сегашноста. На пазарот во Мауерпарк можете да го почувствувате токму тоа, убавината на Берлин – некогаш и сега.

(А.М.)

Коментари