Австралиското џез-импров-амбиент трио The Necks е активно веќе четврт век. Членовите на овој состав, тапанарот Тони Бак, басистот Лојд Свантон и клавијатуристот Крис Абрамс, се искусни џезери кои приоѓаат кон музиката малку поинаку од вообичаеното.
Пронаоѓајќи инспирација и во електронската, системската и рок-музиката исто колку и во џезот, The Necks ја изменија улогата на џез-клавијатурите и со тоа импровизираат и со текстурите и просторот, а не само со нотите и акордите. Тоа што е карактеристично за нив е дека нивните изведби се долги и нивните изданија најчесто се состојат од една долга композиција. Триото е на турнеја по Европа и едно од местата каде што ќе настапат е Скопскиот џез-фестивал.
Кои се уникатните особини на The Necks?
Мислам дека тоа што е посебно уникатно за нас е дека сѐ произлегува од нашата одлука кога за првпат се најдовме заедно, односно дека ќе свириме само за себе, само за нас. Очигледно е дека го прекршивме тоа ветување. Но мислам дека тоа, додека сѐ уште важеше, ни овозможи да создадеме некој наш пристап на создавање музика кој е целосно слободен од каков било надворешен притисок и еве, скоро 30 години подоцна, ние сѐ уште работиме по истите принципи.
Бендот е активен речиси 30 години и за тој период има издадено 17 изданија. Што е она што е заедничко кај членовите на бендот? Можеби креативниот процес што овозможи да се создаде таа музика?
Кога настапувам со други музичари, јас не свирам на овој начин како со нив (и така треба и да биде). Можам да зборувам за себе, но верувам дека Крис и Тони исто така имаат многу уникатни стилови на нивните инструменти.
Така, имаме три посебни гласови, и меѓу нас постои целосна доверба едни во други, како и во нашиот метод на импровизирање. Ние секогаш се обидуваме да го најдеме позитивното во секоја текстура која ја создаваме колективно; да не бидеме премногу критични. Сите ние имаме доверба еден во друг да не ја забрзаме музиката премногу или да ја насочиме кон места каде што таа не сака да се упати. Знаеме како да отстапиме од музиката и таа самата да ни покаже каде се упатила.
На кој начин еволуирала таа хемија во бендот од дебито Sex, па сѐ до последниот, Open?
Тоа не е возможно да се опише со зборови, но може многу јасно да се слушне. Повторно ќе кажам, така и треба да биде. Самиот би бил многу загрижен ако сѐ уште звучевме исто по 30 години! Но кога го велам тоа, чувствувам дека постои нешто што ги поврзува Necks од 1987 со верзијата од 2014-та.
Дали може да објасните како балансирате помеѓу џез-звуците, импровизациите и сложените амбиенти кои ги создава бендот?
Повторно ќе речам дека тоа е нешто што не може лесно да се искаже со зборови, но можам да кажам дека ние тројцата слушаме не само џез и амбиент, туку и цел еден широк опсег на музика, а од тие различни типови музика ние создаваме наши идеи за тоа што сакаме да го придонесеме кон музиката на The Necks. Меѓу нас ние тоа никогаш не го дискутираме, но се подразбира дека сѐ што сме слушале или на што сме работеле може да се понуди следниот пат кога ќе се најдеме за да свириме.
Обично вашите изданија се состојат од една долга композиција. Како дојдовте до овој концепт?
Откако го откривме начинот како да учиме да не забрзуваме премногу некое дело, ние бргу откривме дека ни е потребен час и нешто за да нафрлиме неколку идеи, да откриеме некои работи кои ни се допаѓаат кај тие идеи, можеби ќе скршневме понекогаш во некоја слепа улица, ќе направевме тоа да се издигне и да земе замав, а потоа го спуштавме на тлото.
Тоа се однесува на нашите импровизации во живо, но тоа се пренесе и на нашите студиски албуми, а ЦД-форматот се појави токму на време за нас. Иако неодамна издадовме ЛП со две 20-минутни дела во него, во раните денови мислам дека ние немаше целосно да можеме да го изразиме тоа што беше уникатно за нашата музика во 20 или нешто повеќе минути. Ќе беше трагично да пресечевме некое дело на половина за да може да се вклопи на двете страни од едно ЛП, поради што ЦД-форматот беше тоа што нам ни беше потребно.
The Necks се познати по своите импровизаторски вештини. Какво е значењето на термините импровизација и композиција за вас, колку стриктно ги одвоите овие две работи?
Тие се две различни, но поврзани начини на создавање музика. Импровизирањето може да биде компонирање во моментот, обично во јавност, или може да биде начин на создавање материјал настрана од јавноста, за некоја поформална композиција. Од друга страна, композицијата може да биде и појдовна точка за импровизација, а најочигледно за тоа е џез музиката. Импровизацијата е нешто што ми доаѓа многу природно; тешко ми е да замислам како им е на музичарите кои не им одговара импровизирањето.
Бендот имаше ретка можност да настапува со Брајан Ино на неговиот фестивал во Сиднеј, Pure Scenius? Какво беше искуството да се настапува со него?
Беше фантастично. Тој е легенда и иако не мислам дека неговата музика имала директно влијание врз нас, едноставно нема шанси ние да започневме да размислуваме за работите кои ги правиме со The Necks да не беше претходната работа на Брајан. Тој е навистина пионер и ние многу сме му должни.
Тој е многу соработлив, советодавен и отворен лидер. Тој имаше „план за играта“ за нашите настапи на Pure Scenuis, но беше апсолутно заинтересиран да ги чуе нашите сугестии, од кои тој многу запамти и ги примени во процесот.
Според вас, што е тоа што сочинува еден добар настап, каков е вашиот пристап кон настапите на сцена?
Научивме да не се нервираме за кој било настап, добар или лош, но кога го велам тоа, мислам дека добра изведба е таа кога сме се обиделе да постигнеме некои убави работи и тие профункционирале без усилба, како и неколку изненадувања кои произлегле како дополнителна награда за нашиот успех.
Како котира музиката за филмот The Boys во однос на останатата работа?
Мислам дека начинот на којшто произлезе оваа музика всушност значи дека ова е албум што звучи малку поинаку од останатите. Филмаџиите ги снабдивме со многу груби текстури за да работат како сакаат, и дури отпосле, откако ги снабдивме со сето тоа и го завршивме нашиот дел, се насочивме да снимиме албум.
Дали постојат некои музички контексти кои остануваат неистражени од бендот?
Постои само еден начин за нас да го откриеме тоа, а тој начин е да продолжиме да истражуваме.
Ненад Георгиевски