Данскиот филм „Лов“ е избран за најдобар филм на Скопје филм фестивал кој заврши во саботата во киното „Милениум“ во главниот град на Македонија. „Лов“ на данскиот режисер Томас Винтерберг ја улови наградата од публиката на 16-тото издание од овој фестивал која буквално беше освоена од емотивната и крајно напната драма кого никого не остави рамнодушен.
Актерот Мадс Микелсен од Данска на генијален начин го глуми Лукас, социјален работник во градинка, кој преку ноќ од почитуван член на заедницата паѓа на дното и е прогонуван од локалното население и полицијата кои го обвинуваат за нешто што тој не го сторил. Изолиран од сите, отфрлен од средината и фрлен на буниште, тој сепак не се откажува од потрагата по правда. Човекот чие хоби е ловењето наеднаш станува плен кој го ловат сите, па дури и неговиот најдобар пријател.
„Лов“ е филм за пресумпцијата на невиност, за тенката граница меѓу довербата и недовербата, за лицемерието и филм за (не)пријателството.
Мадс Микелсен за овој филм ја освои наградата за најдобар актер на Канскиот фестивал.
Покрај главниот победник на Скопје филм фестивал во програмата „Eye on Films” за најдобар беше прогласен украинскиот филм „Куќа со кула“ во режија на Ева Нејман. Филмот е базиран врз мотивите од автобиографски приказна со истиот наслов од страна на писателот и сценарист Фридрих Горенштајн, кој го има напишано сценариото за “Соларис“ на Тарковски.
Формирана во јануари 2011 година, Eye on Films е единствена, глобална мрежа на филмските професионалци, која гарантира циркулација на избор на првиот игран филм на фестивали-партнери во Европа и неевропски држави, и комерцијална експлоатација на овие филмови од дистрибутерски партнери во Европа и надвор од Европа.
Скопје девет дена ја славеше филмската уметност, а повеќе од 10.000 посетители имаа можност да погледнат над 50 фимски остварувања .
Фестивалот го отвори филмот на српскиот режисер Срѓан Голубовиќ „Кругови“ кој се развива како триптих, истражувајќи го моралното двојство и комплексна приказна чии насоки произлегуваат од еден кобен миг. За финалето на затворањето беше прикажан рускиот филм „Неверство“ на режисерот Кирил Сребреников во кој главна улога има македонскиот актер Дејан Лилиќ. “Предавство” е темна приказна за љубовта, страста и најмногу од сè, за прељубата. (А.М.)