Детски сон кој се буди по секое прелистување на книгата „Сите мистерии на светот“ од Артур Кларк не донесе до едно од најмистериозните и најпознати езера во светот, езерото Лох Нес во близина на градот Инвернес во Шкотска. Балкон 3 одлучи да замине во навидум безнадежна, но возбудлива потрага по чудовиштето од Лох Нес или пак како што многумина сакаат нагалено да го наречат Неси.
Можеби ќе бидеме едни од ретките кои ќе посведочат дека го виделе чудовиштето. Како ли изгледа, се прашувавме додека комбито не возеше од Глазгов кон Инвернес и додека слушавме за магичната историја на Шкотска. Ниските полиња пополека ги земенуваат високи планини од кои како од небо извира вода. Едно по едно се редат стотиците езера кои ја покриваат оваа земја. Ни се чини како да сме каменче кое потскокнува по површината на водата и така скокаме од едно кон друго езеро. Иако сите изгледаат прекрасно ниедно не не возбудува како помислата на Лох Нес.
„Кој меѓу вас верува во чудовиштето од Лох Нес?“, со остар глас ја прекина тишината шармантниот туристички водич од Глазгов кој со децении е верен трагач, но признава дека ниту еднаш не го видел Неси. Додека ние што веруваме срамежливо креваме рака тој со гордост признава дека е верник иако досега многупати се разочарал.
-Приказната за Неси започнува во шестиот век од новата ера кога група монаси со чамец пловеле по езерото кон Инвернес. Биле нападнати од чудовиште кое излегло од водата и подигнало еден од монасите високо над водата. Во тој момент друг монах со наредувачки глас извикал „пушти го човекот долу“ по што чудовиштето го послушало и исчезнало, ни вели водичот.
Чудовиштето како потполно да изчезнало и не е видено стотици години се до почетокот на 20-тиот век кога се појавуваат првите фотографии, видеа, десетици сведочења…
Езерото Нес наеднаш станува светска атракција, а желбата да го видат чудовиштето подеднакво гори како кај децата така и кај постарите. Додека се приближуваме кон нашата дестинација водичот не прашува нас, но како да се прашува и себеси:
– Зошто свети луѓе би измислиле ваква приказна, ако тоа не е вистина, вели тој и додава дека што и да има во езерото мора да дошло од морето и подоцна се адаптирало во слатката езерска вода која е прилично длабока.
Со гордост објаснува дека сите езера од Англија и Велс можат да се сместат во Лох Нес и сепак нема да го пополнат. Може да се стават сите луѓе на планетава во езерото и сепак ќе има место за уште, а дури и Ајфеловата кула едноставно би исчезнала во длабочините на Лох Нес.
Наеднаш го здогледуваме езерото. Делува мрачно и помалку страшно со боја на шкотско виски. Наоколу има графити со ликот на Неси, а на сите изгледа пријателски расположено. Долу на голема платформа за набљудување има огромна фигура од чудовиштето. Десетина деца се качуваат на неа во желба да бидат фотографирани.
Сепак ние, незаинтересирани за неподвижната копија на Неси, гледаме во хоризонтот во потрага по она вистинското, по нешто што се движи по езерото. На сите клупи и места за седење има по некој кој или ужива во мирот на езерската вода или пак со погледот бара нешто што го нарушува тој мир. Наеднаш сите покажуваат со прст кон објект што се гледа во далечината. Дефинитивно нешто се движи и оди директно кон нас. Возбудата расте кај туристите. Некој потскокнува од возбуда, а други пак се во потрага по двогледот за да можат први да видат дали тоа е навистина Неси. Чудното суштество се приближува и конечно може да го видиме. На наше големо разочарување забележуваме дека несуденото чудовиште било само птица која ловела риби во матната езерска вода. Ех, колкупати досега срцето на трагачите по Неси потскокнало вака залудно кога ќе здогледале нешто што им изгледало како чудовиштето од Лох Нес. Некогаш ги прелажала птица, друг пат капач, трет пат исечено дрво…
Си заминуваме назад кон Глазгов. Зад нас го оставаме мистериозното езеро и секако чудовиштето кое, за жал, не успеавме да го видиме. Токму така, еден неуспех не може да не натера да престанеме да веруваме во Неси. Како и Артур Кларк, така и ние, веруваме дека е таму. Можеби дента едноставно Неси одлучи да спие.