Водич низ СКОПЈЕ

Балкон 3 предлог за фудбалско мезе: салата од пиперки и урда

Фудбал и пиво. Зошто токму пиво? Нема многу објаснувања. Главно се прифаќа тоа дека фудбалот станал традиционален спорт најпрвин во земјите каде што пивото веќе било традиционален пијалак, на Британските острови, во Холандија, Германија… Па, бидејќи фудбалот е повод за дружење, очекувано било во друштвото да се најде и најпопуларниот пијалак.

fudbalsko meze0_balkon3

Но зошто оваа врска, која е една од најстереотипните на денешницата, е важна за нашата приказна? Бидејќи токму пивото стана одредница за се` што може да се нарече фудбалско мезе. Тоа треба да „оди со пивото“, да биде нешто лесно за подготовка, солено, да може едноставно да се сервира и да се јаде без посебен прибор. Така, тоа ќе може да се сервира на масичката во дневната соба, пред телевизорот, опкружено со пивски чаши или со шишиња.

Останаа уште многу натпревари до крајот на светското фудбалско првенство во Бразил и сигурно ден по ден ви снемуваат идеи за мезиња. Еве еден предлог од нас: салата од печени црвени пиперки со урда и со мајонез. Тоа се единствените состојки што ви требаат, плус малку сол.

fudbalsko meze8_balkon3

Почекајте, да се задржиме малку на првата. Печени црвени пиперки? Светското првенство се одржува во јуни и јули каде да ги најдеме? Во градината пиперките само што почнале да растат, ќе им требаат месеци додека расцветаат, па да родат плодови, па тие да созреат и да се соберат итн. Но многу семејства во Македонија знаат да замрзнат по неколку ќеси печени црвени пиперки наесен, за да да се најдат во зимата. Ако сте имале среќа како нас, па сте заборавиле барем една ќеса, тогаш е крајно време да ја искористите. Само следете го нашиот предлог.

Еден килограм печени црвени пиперки (или колку и да ви останале) прво се чистат од лушпите и од семките, а потоа се сечкаат.

fudbalsko meze1_balkon3 fudbalsko meze2_balkon3

Следно, треба да се сомелат во блендер или уште подобро, со рачен секач. Кога ќе почнат да ви личат на мелен ајвар, претурете ги во подлабок сад, додајте им малку сол и потоа ставете половина килограм урда. Сето тоа убаво се меша, а на крајот се додаваат 100-150 грама мајонез, се меша уште малку, и готово! Ја имате вашата салата.

fudbalsko meze4_balkon3 fudbalsko meze5_balkon3

fudbalsko meze6_balkon3 fudbalsko meze3_balkon3

И самата оди одлично со пиво, а можеби уште подобро ако ја искористите како сос за некои грицки, како соленки или крекери. Нормално, како и секое друго фудбалско мезе, вкусна е и без пиво. Тоа што ни остана од нашата го дојадовме за појадок следниот ден, не го сочувавме за вечерта. Нови натпревари, нови мезиња.

fudbalsko meze9_balkon3

Ако пребарувањето во вашите замрзнувачи заврши безуспешно, имате две опции. Можете да купите црвени пиперки увезени од некој друг крај на светот, кои веројатно ќе треба да ги платите со грутки злато. Или, пак, можете да ја почекате есента, кога ќе почнат две редовни сезони: фудбалската и ајварската. Тоа значи дека повторно ќе имаме многу фудбал и многу црвени пиперки на едно место. А ние повторно ќе ве потсетиме како да го искомбинирате сето тоа.

Гоце Трпковски

Коментари