Интервју со New York Gypsy All-Stars: Возбудливо музичко патување со изведувачи од Македонија, Грција, Турција и Соединетите Држави. Грчки басист наврати во еден мал бар во Њујоршкиот Алфабет Сити и слушна источно-медитерански и јужно-балкански звуци како одекнуваат во преполната просторија. Додека остриот звук на кларинетот го сечеше воздухот тој сфати дека го знае секој тон. Во тој запрепастувачки момент се родија New York Gypsy All-Stars, обединувајќи би-музички виртуози пораснати на раскошните ноти од своите македонски, грчки, турски и американски корени и усовршени низ музичките сали на најдобрите светски музички академии. Со талент за компонирање и дива потреба за прекршени, искривени звуци, квинтетот од “крек” музичари (кои свират со брзо темпо) ги надминуваат границите помеѓу испреплетени корени во регионот на долго очекуваниот албум со оригинални музички парчиња – Romantech (Traditional Crossroads). New York Gypsy All-Stars ги прескокнуваат пречките помеѓу балканските, турските корења и ромската душа со фанки префинетост. NYGAS се: Исмаил Лумановски (кларинет), Тамер Панарбаси (канун), Панајотис Андреу (бас), Џејсон Линднер (клавијатури), Енгин Каан Гунајдин (тапани).
New York Gypsy All Stars е бенд составен од музичари од различни земји: Македонија, Грција, Турција и САД. Кажете ни како дојдовте до идејата за заедничко музицирање. Интересна е приказната како басистот Панајотис Андреу го чул Исмаил додека настапува во клуб и му се придружил на бината.
Исмаил: Пред околу осум години ги започнав студиите по класична музика во Њујорк. Бев многу млад, полн со возбуда и желен да ја искусам мултикултурната музичка сцена во најкосмополитскиот град на планетата. Во текот на мојата потрага по музички таленти и сродни души го запознав Панајотис Андреу во еден од ноќните клубови во кој редовно настапував и кој воедно е во сопственост на нашиот менаџер Сердар Илхан. Кога првпат настапивме заедно почувствував силна енергија во преполниот клуб, која беше најголем поттик за нашето долготрајно пријателство и прв чекор кон создавањето на бенд каков што е NY Gypsy All Stars. Фактот што сите музичари се од различни држави претставува само голем бонус, бидејќи не ги биравме музичарите според потеклото туку врз основа на нивниот талент и мотивираност. 🙂
Како продолжува понатаму приказната на NYGAS? Како дојдовте до сегашниот состав од музичари? Како се најдовте, со оглед на тоа што сите доаѓате од различни земји?
Панајотис: За музичар, животот во Њујорк е еднаков на живот во “светиот град”, бидејќи Њујорк, и во ова време на длабока рецесија, е симбол на толеранција, мирен соживот и инвентивност. Во вакво опкружување неизбежно е музичарите да се среќаваат, свират и создаваат без оглед на нивното потекло и религиозна определба. Во NY Gypsy All Stars нас, пред сè, не зближува взаемна почит кон музичкиот талент на другиот, а тоа што потекнуваме од соседни земји е само јаготката на шлагот, затоа што имаме слични вредности и темперамент. Поедноставно кажано, тука е многу полесно луѓе од ист регион да се сретнат и дружат отколку што си претпоставувате, додајте на ова и музичари и ги добивате NY Gypsy All Stars!
Колку народната музика на Македонија, Грција и Турција е застапена во вашите песни? Дали може да се каже дека сте претставници на т.н. Balkan sound?
Исмаил: Наша музичка идеја и цел е да ја промовираме и претставиме етничката традиција на нашите земји на начин кој би бил интересен за светот. Да, користиме многу македонски, турски, грчки, бугарски, албански, српски и романски нишки во нашите песни но тие не се премногу очигледни. Се обидуваме да го избалансираме и споиме сиот тој богат фолклор и да го вметнеме во еден нов концепт. Се обидуваме да создадеме спој на балканската музика и ритми и хармонии од светската музиката.
Вашата музика е оригинална комбинација од џез и фанк „зачинета“ со традиционални балкански мелодии. Како дојдовте до оваа комбинација, со оглед на тоа што се работи за музичари со различен музички сензибилитет?
Панајотис: Не знам дали е лесно да се категоризираат елементите кои ја сочинуваат нашата музика. На нашиот прв албум Romantech секоја песна е под влијание на на неколку музички жанрови. Имате електроника (Prodigy, Chemical brothers), има фанк и соул (Earth wind and fire, Tower of power), има кубанска тимба, порториканска салса, мароканска гнава, северноиндиски и јужноиндиски фолклор, огромно влијание на мелодијата од секој агол на Балканот и Блискиот Исток, плус влијанието на класичната музика (од истокот и западот) на звукот и техничкиот приод. Како би можел некој ова да го категоризира? Во однос на нашиот музички спој најбезбедно е да се каже дека ние не ја избравме оваа комбинација на стилови – таа не избра нас!
Раскажете ни нешто повеќе за вашиот живот во Њујорк. Каде најчесто настапувате? Дали е тешко да се дојде до свирка во познатите клубови во „Големото јаболко“?
Панајотис: Секој знае што значи “Њујоршка минута”. Ова е град со, благо речено, постојано забрзано темпо. Животот се движи по брзата лента, а не би сакал да ги спомнувам и животните трошоци. Затоа, да се биде музичар во Њујорк значи постојана борба, пожртвуваност и компромиси. Не е лесно да се одржи проект каков што е NY Gypsy All Stars. Имаше тешки денови за сите нас, но нашето пријателство, музиката и, се разбира, времето кое го поминавме настапувајќи заедно, ни помогнаа да ги пребродиме тешките мигови. Што се однесува до клубови и организирање настапи, имавме среќа да бидеме во блиски врски со еден перспективен центар на музичката сцена во градот – Drom. Нашиот менаџер Сердар Илхан е косопственик на Drom и има големо искуство во менаџирање клубови и музички сали од ист калибар во последните две децении (а исто така има лично организирано бројни фестивали), што нам ни ја олесни комуникацијата со големите сали и настани во градот.
Го издадовте вашиот прв албум „Romantech“. Кажете ни нешто повеќе за композициите застапени на албумот?
Енгин: Имаме десет песни на албумот, седум од нив се наши, компонирани од Тамер Пинарбаси и Исмаил Лумановски. Направивме нов аранжман на македонското”Касапско оро” и турската “Nikriz Longa” заедно со “Sen Sev beni” на турскиот композитор Орхан Генчебеј. На овој албум најмногу се придржуваме на фолклорните шеми но создадовме и свој глас и стил што се однесува до звукот и ритамот.
Како бенд имате чести настапи во клупска атмосфера, на разни џез фестивали, а во јули свиревте и со Германската филхармонија за камерна музика. Може ли да направите споредба како реагира публиката од западните земји на вашите свирки, а како публиката во земјите од кои потекнувате?
Енгин: Секој регион на свој начин дели комплименти и покажува почит кон уметниците. Германија претставуваше одлично искуство. Свирењето пред четири илјадна публика на една прекрасна тврдина беше неверојатно. Публиката беше тивка и го следеше нашиот музички израз. Ова исто така се однесува и на просторот во кој се свири, но општиот впечаток е дека на Балканот и Блискиот Исток не се покажува доволно почит кон музичарите како во западните земји. Музиката и уметноста немаат доминантна улога во нашата култура но се надеваме дека работите ќе се сменат во иднина.
До крајот на октомври имате закажано голем број настапи во повеќе турски градови? Кога ќе има можност да ве види и публиката во Грција и Македонија?
Енгин: Со радост го очекуваме настапот во Македонија и Грција исто како и во другите земји. Се надеваме дека ќе се случи во блиска иднина. Единственото нешто што е потребно е покана со ајвар и сирење 🙂
Кои се идните планови? Можеби нов албум?
Панајотис: Наша најголема грижа е како да ја промовираме нашата музика, на кој начин што повеќе луѓе низ светот да ја слушнат и потоа би било прекрасно ние самите да им ја донесеме. Би сакале да отпатуваме до секое место каде се слуша нашата музика, да ги запознаеме луѓето со нашата приказна, со надеж дека ќе инспирира млади генерации музичари во нашите држави и низ целиот свет. Посакуваме сите да знаат дека најлесно нешто за нас е да создаваме заедно и да се дружиме. Посакуваме сите да знаат дека е вистински благослов тоа што се имаме едни со други во животот, што нашите животни патишта се вкрстија. И да, сè уште не сме завршиле со пишување музика, подготвуваме нов, втор албум е се надеваме дека ќе го издадеме следната година.
Балкон 3