Слатка традиција од островот Евиа
Куми е прекрасно гратче на островот Евиа познато како “Балкон на Егејот”. Куми има богата поморска историја но е многу попознат по својот уникатен вид на баклава. Парчињата баклава се исклучително тврди, исполнети единствено со бадеми. Традиционалниот рецепт користи не помалку од 70 кори и е особено популарен за време на летните празници, но и за новогодишните прослави и карневали. Еве еден стар рецепт кој на нашиов Балкански Балкон го сподели локалното Здружение на жени.
Потребни состојки:
70 кори за баклава
1 ½ кг бадеми, бланширани, малку печени во рерна и потоа исецкани
½ чаша шеќер
½ чаша презла
1 ¾ чаша путер, стопен*
2 лажички цимет
каранфилче
Подготовка:
Измешајте ги бадемите со шеќерот и презлата. Земете тавче за печење од 36 cm, намрснете го со путер, ставете 12 кори и секоја од нив премачкајте ја со путер. На 13-тата и 14-тата наросете цимет и секако премачкајте ги со путер. На 16-тата кора наросете 2 супени лажици од смесата со бадеми. Продолжете така дури не ја потрошите целата смеса со бадеми, осносно откако ќе наредите околу 55 кори. Останатите кори ги редите и ги премачкувате со путер. Исечете ја баклавата на парчиња и ставете по едно каранфилче на секое парче. Ако имате уште путер загрејте го и посипете ја баклавата.
Покријте го тавчето со хартија за печење и печете околу час и половина во претходно загреана рерна на 180 степени. Оставете ја баклавата да се излади околу еден час и во меѓувреме подгответе го шербетот.
Шербет:
2 ½ кг шеќер
6 чаши вода
2 рендани кори лимон
6 супени лажици сок од лимон
1 стапче цимет
Измешајте ги сите состојки во тенџере освен сокот од лимон. Варете ја смесата дури не се згусне, додадете го лимоновиот сок и добро измешајте. Сипете го врелиот шербет на изладената баклава. Оставете да отстои еден ден пред да ја послужите.
* Во Грција за подготовка на баклава вообичаено се користи свеж козји путер кој секаде се продава како “voutyro galaktos”. Се загрева пред да се користи и се премачкува со кујнска четкичка.
Софија Николаоу