Водич низ СКОПЈЕ

Азилантски танц преку оградата

EN

Кога денеска ќе го чуеме зборот азиланти, веднаш си помислуваме на илјадниците граѓани од Балканот  кои ги преплавија западноевропските земји барајќи излез од тешката економска криза. Таму ги нарекоа економски емигранти и без воопшто и да размислат дали да им дадат азил ги вратија дома.

Но, меѓу нив, меѓу лажните баратели на азил ги има и оние чии судбини се губат и се испреплетуваат со тие на економските емигранти. Меѓу нив има азиланти кои немаат своја држава, апатриди, или такви кои поради политичките размислувања и ставови се загрозени и бегаат од својата поранешна татковина и се обидуваат да најдат засолниште во земјата во која заминуваат. Многумина водат тежок живот чекајќи од бројка во некоја фиока да станат име и презиме, да станат човек со своја приказна.

Овие луѓе некогаш засолниште наоѓаат на чудни места. Таков е и случајот на неколкутемина бегалци и баратели на азил од Чеченија, Грузија, Курдистан и Бурма кои судбината ги довела во театарот „Арка“ во Прага, Чешка. Тие работат како дел од бендот „Бегалци суперѕвезди“ во кој членуваат професионални актери, но и баратели на азил и бегалци. Тие се доказ дека една неформална група актери и бегалци кои се запознале во бегалските кампови, може да стане проект што ќе предизвика сериозно внимание низ цела Европа.

Во „Арка“ се прикажува нивниот проект „Танц преку оградата“ кој е вистинско ремек-дело на современата театарска уметност. Овој несекојдневен проект ги крши табуата за луѓето без своја татковина.

„Танц преку оградата“ е мозаик од пет приказни во кој е раскажана тажната, но понекогаш и комична судбина на азилантите. Приказните претставуваат интимен разговор меѓу азилантите и професионалните актери кои преку нив на публиката и ја раскажуваат нивната судбина. На пет локации во театарот „Арка“ истовремено се одвиваат неколку приказни. Секој дел трае по 15-ина минути, а може да се гледаат без посебен редослед. Има и кратки паузи од две-три минути придружени со перформанс од бендот „Бегалци супер ѕвезди“. Целата слика за овој несекојдневен проект се добива дури по гледањето на сите делови.

Приказна која можеби најмногу ќе ве трогне е онаа на бегалецот Гугар, по потекло Ерменец кој живеел во Грузија. Гугар е музичар и фризер. Отсекогаш сонувал да има свој фризерски салон.

– Јас сум музичар и не можам да живеам без музиката. Во мојот фризерски салон јас ќе имам мало пијано. Додека моите клиенти го пијат кафето ќе им свирам на пијаното, а потоа ќе им ја направам посакуваната фризура. Кратењето коса е исто како и музиката, форма на уметност – вели Гугар.

Поради тешкиот живот и ситуацијата во Грузија, морал да побегне од оваа земја. – Не сакам ни да се сетам на тие денови. Ми држеа вперен пиштол во челото, а јас крвавев. Потоа ме расекоа со нож, еве имам лузна тука – ја раскажува Гугар својата тажна приказна.

Потоа заминал во Ерменија, но ниту таму не било подобро, па во 2002 година побегнал во Чешка. Не можел да им објасни на чешките власти што е по етничка припадност. Го прашувале дали е Грузиец, а тој на лош чешки јазик им повторувал, не, Ерменец од Грузија.

Вели дека не можеле да го сфатат. Побарал дозвола за престој во Чешка, а за тоа време бил сместен во три различни бегалски кампови. Тежок живот, исполнет со исчекување што ќе одлучат чешките власти, дали ќе му дозволат статус на азилант.

Додека ја слушаме приказната на Гугар, десетина метри подолу тече друга приказна, онаа раскажана од државната секретарка која ги работи документите на азилантите. Нејзиниот работен ден се состои од кревање десетина телефони, претежно за приватни работи. Бегло поминува преку имињата и фотографиите на азилантите. За неа тие се само бројки, само фајлови кои треба да се решат. Нивните судбини ништо не и значат. И додека секретарката во текот на работното време повеќе е загрижена за својот приватен живот отколку за животот на бегалците, тие, пак, ги бројат секундите, чекаат повик од неа, чекаат да им каже дека станале азиланти.

Се враќаме на Гугар. Музичарот, чија страст е потстрижувањето и чувањето гулаби, го чека својот повик, исто така. Тој на гледачите им ја раскажува и својата опседнатост со гулабите. Во Грузија каде што живеел имал десетици гулаби од Чешка, кои, како што вели, се најдобрите во светот. Не може да ги заборави. Тие го чекаат во Ерменија каде што ги преместиле по бегството од Грузија.

– Гулабите сега ги чува мојата свекрва. Мораше да им ги потсече крилјата бидејќи во спротивно тие ќе одлетаат дома во Грузија. Гулабите носачи секогаш се враќаат дома – раскажува Гугар.

Ерменецот од Грузија сепак успеал некако да преживее во земјата која тешко може да ја нарече дом. Тој сега има жена и три деца, но како што вели, се уште сонува за сопствен дом и за своите гулаби. – Би сакал некогаш да ги донесам овде во Чешка, но ако тоа се случи ќе морам да им ги пресечам крилјата. Во спротивно тие ќе се вратат назад дома во Грузија.

Но јас, јас никогаш нема да се вратам таму, јас не сакам да се вратам таму – ја завршува својата приказна Ерменецот Гугар.

И додека театарската завеса полека се спушта, гледачите размислуваат што помислиле кога последен пат го чуле името азиланти. Што и да помислиле, нивната перцепција по оваа претстава комплетно се менува. Ако азилантите за нив биле луѓе без никаков идентитет, опортунисти без чувство за припадност, бројка, сега тие стануваат обични луѓе, луѓе со приказна, музичари, фризери, луѓе со срце кое лета онака како што летаат гулабите кон својата татковина.

Коментари