Водич низ СКОПЈЕ

Ашуре, најстарото благо во историјата на човештвото

Традиционалното, со векови старо ашуре, не е само едно обично благо, тоа пред се е еден симбол на споделувањето, солидарноста, љубовта, богатството и заедничкиот живот.

Десетти ден од месецот Мухарем, првиот месец по исламскиот календар. Раздвиженост по пазарите. Пченицата е најбараната житна култура. Наутот, пченката, оризот, оревот, сувото гројзе, сувите кајсии се меѓу најпродаваните производи. Со векови старата традиција продолжува. Се вари ашуре. Според исламот трошењето пари за ашуре е добро дело. Работата е макотрпна. Вкусот неодолив. Се состои од десетица производи кои создаваат заеднички вкус, а од друга страна ги заштитуваат своите вкусови, поточно не се асимилираат една во друга.

„АШАРА“ – „ДЕСЕТ, ДЕСЕТТИ

За историјата, симболиката и значењето на најстарото благо во историјата на човештвото разговараме со Сулејман Баки, ваиз (предавач) во Мурат Пашината Џамија.

– Денот има значајно вредност во исламската култура, ни потенцира Сулејман Баки, и додава: “Според верувањата традицијата за ашуре, стара со векови, започнува од денот кога бродот на пророкот Ное и неговите верници се спасуваат од потопот. Откако бродот пристигнува на брегот, останата храна во бродот се собира и се прави еден оброк. Тој оброк се нарекува ашуре“.

Самиот збор ашуре потекнува од арапскиот збор „ашара“ кое во превод значи десет, десетти.  Според Сулејман хоџа, ашуре не само едно обично благо, тоа пред се е еден симбол на споделувањето, солидарноста, љубовта, богатството и пред се заедничкиот живот.

– По примерот на ашурето каде што десетици производи се спојуваат во една смеса, така и муслиманите, христијаните и сите други верници треба да се собираат и да бидат заедно„ вели Сулејман Баки и објаснува „ашурето се вари во едно казанче. И ние светот треба да го замислиме дека е едно казанче, каде што сите заедно ќе живееме убав и спокоен живот, со сите наши заеднички вкусови.

ПОУЧНИ ЛЕКЦИИ

Ашурето се нарекува и јадење на љубовта и хуманоста. Се споделува со комшиите, пријателите и роднините. Скопската невладината организација Енсар, чиј претседател е Сулејман Баки, заедно со градот Бурса и општината Чаир, во Скопје ја продолжува старата традицијата. Во Турската чаршија минатата недела “Денот на ашурето“ се славеше по шести пат.

– Ашурето преставува еден симбол од кој што треба да се добијат многу поучни лекции. Светот во кој што живееме е на сите нас, живееме заеднички, немаме друг. Веруваме во еден господ, кој што не создаде сите нас. Заради тоа потребна е да имаме една убава хармонија за соживот, каде што сите народи ќе си ги заштитат своите карактеристики, без разлика на која вера и припаѓаат, порача Сулејман Баки.

Ашурето изобилува и со многу витамини. Според експертите тоа е многу здраво јадење, особено за зимските периоди. Таа е извор на енергија, исто така зголемува отпорот на телото. Житариците кои се користат при правењето на ашурето содржат растителни протеини. Затоа месецот Мухарем, се нарекува и месецот на здравјето.

Хусамедин Гина

Подготовка:

Како прво се вари пченицата. Потоа врз пченицата се додаваат наутот и гравот, кој што претходно треба да бидат полу варени. Откако ќе зоврие смесата од трите елементи се додаваат исецканите суви кајсии и корите од портокалот. После еден периот откако ќе се варат се додаваат оризот и водата истотака претходно варени до одреден степен. За да не остане талог во дното смесата потребно е постојано да се меша. Потоа во ашурето кое се вари се додава исецканата јаболка и сувото гројзе, кое што претходно ставено е во вода. Потоа се додава млекото. Откако ќе зоврие еден период се додава и шеќерот. Количината на шеќерот зависи од вашиот вкус.

На крајот се постепено се додава скробот за поврзување на смесата и за добивање на густина. Потоа се зема дел од смесата за да се контролира густината. Ако пченицата е многу квалитетна и добро варена нема потреба од скроб.

Печеното ашуре се става во шолји. Откако ќе се олади врз смесата се додаваат калинката, оревот, лешникот, рибизлите, циметот, смоквата, ф`стаците.

Потребни состојки:

1 кг. пченица

2 чаши наут

2 чаши грав

500 грама суви кајсии

2 кори од портокал

3 јаболки

2,5 чаши суво гројзе

7 чаши шеќер во прав

5 супени лажици ориз

2 чаши млеко

1 изрендана кора од лимон

вода

Како додаток:

калинка

орев

лешник

рибизли

цимет

смоква

ф`стаци


Коментари