Стереотипи за Грците кои ме пресретнаа откако ја поминав „оградата“ на соседите
Не можете да извлечете потполн заклучок за тоа каква претстава имаат луѓето за вас како припадник на одредена нација од случајни, неформални средби со луѓе од соседните држави, но ако нивните коментари се многу слични можете да забележите одредени заеднички карактеристики. Тие знаат да бидат прилично зачудувачки.
Прв дел: Софија Лорен и највкусното грчко јадење во Скопје
Првиот пат кога ја поминав границата кај Гевгелија, Југославија беше обединета. Пограничните власти ми ја проверија визата (издадена во Атина), ми рекоа дека грчките кошаркари не се така добри како југословенските и заминаа.
Преминување граница значи влез во друга држава и си претпоставував дека ќе ме пречекаат со прашања за билатералната политичка криза која е многу длабока, особено сега кога има нова гранична полиција и процесот на издавање виза се одвива на самата граница (страшно!).
Но, полицаецот го разгледа мојот пасош и праша: “Софија?”. Да. “Софија Лорен?” За жал, не. Се насмевна, без понатамошни прашања ми издаде виза и влегов! Ништо не беше случајно. Истото прашање се повторуваше секогаш кога ја поминував границата.
Кога пристигнав во Скопје сфатив дека политиката не е главна тема на интерес кај луѓето. Најчесто првите коментари им беа за работи кои им се допаѓаат (или им недостасуваат) во Грција. Но, тука се јави првиот проблем. Не можев да разберам за што зборуваат! Еве неколку примери:
а) коментар
Во Грција ние одиме во Паралија (Paralia!!!) и земаме локумадес (loukoumades) на плажа од луѓето што продаваат по плажа.
Паралија (Paralia) на грчки значи плажа, па не ми беше јасно каде вие луѓе сте биле!
Локумадес (loukoumades), традиционални пржени топчиња тесто со мед) се многу популарни во летниот период, но никогаш не сум видела да се продаваат на плажа. Може да се купат само на уличните штандови бидејќи се пржат во врело масло и веднаш се продаваат додека се врели.
Што всушност сакале да кажат:
Катерини, град во грчкиот регион Македонија има приморска населба наречена Паралија Катерини (ние атињаните никогаш не сме слушнале за тоа), но луѓево знаат сè, а сакаат да дознаат и повеќе. Повеќето туристи ги посетуваат овие мејнстрим приморски места кои се блиску до границата, како што се полуостровот Халкидики, островот Тасос и градот Лептокарија, кои на атињаните им се еднакво непознати (сепак ќе треба еден ден сите да ги посетам!). Зборот локумадес всушност го користат и за крофни (амерички крофни)… А ви текнува дека цело време имаме проблем со името?!
б) коментар
Веро “Vero” каде можат да купат малиџано “Melitzano”
Веро на грчки значи “оригинал, вистински” (неформален грчки), а малиџано звучи како бебешки јазик за модар патлиџан “melitzana”. Си замислував дека има некој грчки ресторан кадешто им се допаднало некое, за мене непознато, јадење со модар патлиџан.
Што всушност сакале да кажат:
Веропулос, еден поприлично незанимлив ланец на супермаркети од Атина продава готова “melitzanosalata” (намаз од печени модри патлиџани) која е многу популарно медитеранско мезе. Потоа ми објаснија за ланецот Веропулос и супермаркетот кој бил отворен во центарот на Скопје во 90-тите и брзо станал многу популарен.
в) коментар
“Ne, ne, ne, neeee!” и климаат со глава како да викаат “да” и се смеат.
“Ne” на грчки значи “да” и не разбирам што е толку смешно?
Што всушност сакале да кажат:
“Ne” значи “не”, уште полошо и се изговара потполно исто со грчкото “да”. (Забелешка: на турски истиот збор значи “што?”).
Следствено, имав проблем кога одговарав на телефонски повици.
За да се согласам со нив ми требаше многу концентрација и внимание да останам трезна (после неколку пива човек почнува да одговара на мајчиниот јазик).
Имаат познавање за многу чудни работи па еден Грк навистина мора да знае и да обезбеди информации за:
Евросонг!? Тие знаат сè за новите грчки претставници, а што е најчудно, се сеќаваат и на поранешните (на пример “Solfege Lesson”, 1977)
Гиро!!! Одлично! (грчка верзија на турскиот донер ќебап, со мрсно свинско)
Јадење свежи (живи) школки: ова го сметаат за злосторство против човештвото.
Што се однесува до стереотипот за однесувањето на Грците…за жал, ги имаат истите кои ние ги имаме за себе, особено оние што се однесуваат на државните службеници.
Сето тоа го сублимираат во еден прекрасен грчки збор “Avrio” – што значи “Дојди пак, утре!”
Втор дел: Конзументи на морска храна и религија
За разлика од жителите на поранешните југословенски држави кои се навикнати да доаѓаат во Грција на одмор, Турците од неодамна почнаа масовно да нè посетуваат како пакет аранжман туристи. Грците на ист начин ја посетуваат Турција веќе долги години па затоа тие досега имале само еднострано искуство како домаќини.
Се разбира дека ми требаше време да се сетам на овие работи, всушност ми текна откако бев бомбардирана со вакви прашања:
Зошто не одиш да ги видиш илјадниците цркви?
Сакаш да го посетиш светилиштето на Дева Марија и Свети Јован?
Ова е манастирот…Ова е другиот манастир…
Досега не си ја посетила Вселенската Патријаршија?
Водата од оваа црквена чешма е света!
Во ред, делумно одиме на разгледување на верски објекти… но ако сакаме да бидеме искрени тогаш ќе кажеме дека просечниот турист во Турција ќе биде главно заинтересиран за: а) шопинг, б) храна и не секогаш по тој редослед.
Досега, тоа спонтано го сфатија продавачите во туристичките места и останатите локални жители и сите веќе го познаваат вообичаеното однесување на грчкиот турист.
Оваа ташна е оригинал фалсификат!
Марија! Марија! Кожни јакни!
Овде прават одлични килими…овде продаваат одлични килими…
Ова место порано било ан, конак, а сега може да најдете фини антиквитети.
Од друга страна пак, Турците никако да разберат дека Грците се луди по турските јадења, по познатите ќебапи, сите видови тестенини и мезе. Турската ракија совршено одговара со нивните мезиња и тоа е тоа! Зошто секогаш мора да се опседнати со нешта кои воопшто не претставуваат проблем, како на пример:
Зошто мислиме дека нашата баклава е подобра од нивната?
Зошто мислиме дека нашето узо е подобро од нивната ракија?
Недостигот на културна и информациска размена помеѓу овие народи доведува до создавање на слика за Грција која припаѓа на минатото, па може да бидете запрашани за:
Георгиос Даларис (познат изведувач на бузуки, но не толку популарен сега како во минатото).
Кршење на чинии додека танцувате (пракса забранета во Грција веќе долги години).
Луѓе кои јадат морска храна но избегнуваат месо (традиционален начин на исхрана, напуштен во современото урбано општество).
Освен ова, постојат и потешкотии при изговарањето на грчките имиња. Моето име се изговара исто како на Софија Лорен (заб. Софија) (и примерот е сосема случаен!) но сите ме викаат Софија, како што се изговара главниот град на Бугарија. Претпоставувам од тие причини продавачите се обидуваат да ги привлечат купувачите извикувајќи “Марија!” и “Баџанак!” (збор коj го користат сите за еден вид роднинска врска преку сопругата!).
За среќа сè повеќе луѓе добиваат современа претстава за Грција со посета на туристички места. Претпоставував дека ќе бидат заинтересирани за сите остатоци и обележја од Отоманската ера но згрешив:
Манастирите Метеора!
Селски слави на празникот на Богородица!
Бузуки таверни!
Октопод! Супер!
Но има една работа која секогаш успева да ги зачуди што е навистина точна и потврдена.
Грците пијат ладно кафе во големи чаши за појадок!
Да заклучиме, иако мислам дека е повеќе од очигледно… Нема подобар начин да откриете дали постојат елементи на вистина во стереотипите за секоја нација од лично да се запознаете со луѓето, а за тоа е потребно само да ја прескокнете оградата! Со Балкон3:)
Софија Николау