Водич низ СКОПЈЕ

Аланија – место каде што сонцето се насмевнува

Аланија се потпира на уникатните висорамнини на планината Торос. Има прекрасни плажи со сино знаме и истовремено ги задоволува желбите не тие што се заинтересирани за историјата. Тие пак што ја сакаат природата се восхитиваат на убавините. Жителите на Аланија својот роден крај го нарекуваат „Место каде што сонцето се насмевнува“. Аланија денес веќе е Град кандидат за листата на светско наследство на УНЕСКО. Јас лично ја имав таа среќа да живеам една година во тој рај.

Аланија живее 24 часа. Преку ден море, сонце, песок, уживање во шопинг, диско од ноќ до зори, или поточно кажано, ако сакате неограничена забава на шанк, вие сте на вистинското место. Сместувањето никогаш нема да ви претставува проблем. Од самиот влез на Аланија, па се до излезот од градот има безброј хотели, апартмани и хостели за сечиј буџет.

Средовечните туристи кои не сакаат големи гужви и пеколно сонце, за одмор во Аланја претежно ги избираат месеците, мај, јуни, семтември и октомври. И кога е сончево, во градот ненадејно може да врне дожд. Во тој момент немојте да помислите дека одморот ви е упропастен. Мештаните и редовните гости знаат дека за еден час повторно ќе изгрее сонце.

Аланија е едно од ретките туристички места кое нуди шестмесечно уживање во морето, а 300 дена ви овозможува да ја чуствувате топлината на сонцето. Аланија е идеално место за џип и сафари ентузијасти. Сепак ако сакате море, сонце и песок, тука е Клеопатра, најпопуларната плажа во Аланија.

Според една легенда, за време на патувањето по Медитеранот, кралицата на Египет, Клеопатра токму во Аланија влегла во море. Карактеристика на заливот Клеопатра е во тоа што има чиста и плитка вода. Секако не смее да се заборави и плажата Инџекум (ситен песок), каде песокот со златно – жолта боја не се лепи на телото. Морето не е длабоко, плажата е особено идеална за деца кои учат да пливаат. Реката Алара која се наоѓа во градот е место за љубителите на рафтингот.

Да не ги заборавиме музеите. Во градот има четири музеи. Највредно дело е статуата на Херакле, која се наоѓа во Археолошкиот музеј. За Аланија може да се каже дека е и град на пештерите. Без разлика дали сте или не сте заинтересирани за нив, ќе бидете воодушевени од таинствениот свет на копнените и морските пештери. Пештерата Дамлаташ е позната по волшебната убавина на сталактитите и воздухот кој добро им делува на тие што страдаат од астма. Покрај тоа на планината Џабал-и Реис, 12 километри источно од Аланија, на надморска висина од 1649 метри се ноаѓа и пештерата Дим, втора по големина во Турција. Пиратската пештера е позната по легендата дека има таен пат кој излегува на Калето во Аланија и до не се оди само со кајче. Фосфорната пештера, која во текот на ноќта сјае од одразот на зраците не месечината, е морска пештера која дефинитивно треба да биде на вашата листа за посети.

Покрај тоа, тука мораме да го споменеме и неверојатниот панорамски поглед од Калето во Аланија, кое се наоѓа на полустров и е изградено во 1221 година од страна на Селџукскиот султан, Алајдин Кејкубат. Таму растат 16 ендемични растенија. На патот кон калето и пристаништето има кафулиња и ресторани. Калето е отворено за сообраќај. Пеш можете да стигнете за еден час, но на температури од 35-40 степени тоа не е воопшто лесна мисија, но вреди, за да можете да ги видите убавините по должината на патот.

Симболот на градот, Кизилкуле (Црвена кула) се наоѓа на пристаништето. Осумаголниот објект е изграден во 13 век од страна на Селџуците. За време на изградбата после одредена висина било многу тешко да се подигаат камените блокови, затоа горниот дел е направен од црвени тули, од тука доаѓа и името Црвена кула. Во 1979 година првиот кат е претворена во Етнографски музеј.

Аланија е единствен град во Турција каде што има велосипедски автомати (за изнајмување велосипеди). Бананата која расте во Аланија е позната низ целата земја. Од влезот до излезот на Аланија можете да ги видите стаклените градини. Имам добра вест и за љубителите на шопингот. Во центарот на градот има златари, бутици, продавници за чевли и ташни, продавници за кожа кои нудат неограничен број на модели, дуќани за подароци и ќилими. Руските туристи се најчестите посетители на продавниците за кожа.

Оние кои не можат да го поднесат пеколното време, спас можат да побараат во кањонот Сападере. Се наоѓа на 40 километри од Аланија, а е долг 750 метри. На самиот влез има водопад кој се влева во природен базен.

Немојте да ја напуштите оваа природна убавина пред да ја посетите воденицата во селото, работилницата за ткаење на свила и секако пред да го пробате вкусот на пастрмката. Во хотелите и рестораните е мошне лесно да се најдат вкусни јадења од интернационалната кујна. Се разбира препорачувам да ги пробате уникатните домашни вкусови на Аланија.

Градот има пристап од воздух, копно и море. Аеродромите во Анталија и Газипаша се отворени. Во центарот на градот има пристаниште за големи бродови и за јахти.

Околу 15.000 странци преферираат да живеат во Аланија во текот на целата година и поради тоа во градот покрај на турски јазик, активно се говори и на англиски, германски и други јазици. Аланија, градот со илјадници години стара историја, со мешавина на култури од Медитеранот и Анадолија, со својата архитектура ги привлекува своите гости, а секако тука е и сонцето кое се несмевнува.

Гулшах Џенгиз

Коментари