Диџејот и продуцент Роб Гарза е познат како една половина од дуото Thievery Corporation. Оваа година издаде колекција на ремикси кои ги направи за песни на Гогољ Бордело, Tycho, Miguel Migs. “Remixes” е интригантно издание што во себе спојува разновидни звуци во една интересна целина. Од друга страна, во врска со Thievery Corporation, бендот настапува повремено и штотуку го заврши новиот албум. Препознатливиот звук на бендот, во кој се испреплетуваат трип хоп, даб, лаунџ и мешавина од звуци од разни краишта на светот, е ставен на страна, бидејќи оваа есен дуото ќе издаде целосно акустично издание со звуци на боса-нова.
Од каде идејата за албум со ремикси на туѓи песни?
Пред сè, неколку пријатели, луѓе како Tyco, Megamix, Јуџин од Gogol Bordello, ме замолија да да направам неколку ремикси. Ова ми дојде како некакво хоби. Јас само си играв со некои од стемовите, односно со некои од нивните траки. Сè започна како забава, само за да видам како ќе испадне на крајот. Една ипол година подоцна сфатив дека имам прилично музика и сакав сето тоа да го издадам на еден албум. Ете од каде причината за ваков албум.
Колку на луѓето им е прифатлива идејата за ремиксување кога тој кој ги ремиксува нивните песни во голема мера скршнува далеку од оригиналните идеи и концепти?
Мислам дека денес во светот на некој начин сè се ремиксува. Земете една слика и ставете ја низ различни филтри и, на некој начин, со тоа вие правите ремикс на таа слика. Кон сè што правиме, на пример со монтирањето или меш-аповите, луѓето веќе се навикнаа. Мислам дека денес тие полесно ја прифаќаат оваа идеја отколку порано.
Летото 2013 по објавувањето на ова издание имавте мала турнеја како диџеј. Каква е разликата кога се настапува како диџеј во однос на настапите со бенд како што е Тhievery Corporation?
Кога настапувам како диџеј, јас пуштам туѓа музика. Всушност, тоа мене навистина ми се допаѓа. Навистина е убаво кога се истражува музиката на овој начин и веќе подолг период немав настапувано како диџеј, поради што немав многу информации што се случува надвор. Всушност, тука се работи за изнаоѓање начин да се поврзеш со публиката, но не преку сопствената музика, туку преку својот избор и вкус за музика.
Дали пуштате Thievery Corporation за време на вашите сетови?
Да, го правам тоа. Понекогаш ќе пуштам песна или две.
Обично диџеите се делат на две групи – од една страна се оние кои работат со плочи (грамофонџии), а на другата се оние кои само пуштаат музика. Се чини дека секоја страна на некој начин ја девалвира важноста на другата. Какво е вашето мислење?
Јас ги почитувам и двете. Од моја гледна точка, тоа што го прават грамофонџиите е како свирење на инструмент. Тие луѓе се навистина талентирани. На пример, имате некој гитарист виртуоз кој навистина може да свири и да прави ненормални работи на гитарата, што од своја страна е убаво, а понекогаш имате некој кој може да направи едноставна песна од неколку акорди. Не мислам дека тука станува збор за ’едниот против другиот‘. Светот е доволно голем и има место за сите. Постои место и за луѓето кои се грамофонџии, и за тие кои избираат и пуштаат одлична музика.
Кои се искуствата што сте ги научиле од светот на диџејството и сте ги пренеле во вашата продукција со Thievery?
Една од работите е свеста за тоа што се случува на музички план и поттикот да се донесат некои идеи во нашата продукција.
Каков е сегашниот статус на Thievery Corporation?
Само што имавме неколку настапи по Америка и се подготвуваме да издадеме нов албум.
За какво издание станува збор?
Албумот се вика “Saudade” и на некој начин тој во себе носи женски особини, бидејќи е многу природен и убав. Сите песни се отпеани од женски вокалисти и е еден навистина прекрасен албум. Воопшто не е електронски и беше инспириран од нашата љубов кон боса-нова и кон музиката од старите француски филмови.
Како гледате на првото издание на Thievery Corporation “Sounds from the Thievery Hi Fi” од оваа дистанца? Тоа издание беше навистина популарно кога беше објавено 1997 г.?
Во тој период ние навистина не знаевме што правиме точно и она што таа плоча ја направи посебна делумно е дека го имавме вистинскиот дух и став за да ја создадеме, но ние не бевме музичари и бевме малку наивни. Начинот на кој размислувавме во тоа време за музиката, различните култури и различните звуци беше сосема свеж и кога го слушам понекогаш, ме фаќа носталгија за тој период. Бевме млади и убаво се забавувавме. Тоа е тоа што најмногу го сакам кај него.
Thievery Corporation се познати по својата мешавина на различни звуци и култури во својата музика. Дали има некаква политичка порака или изјава која стои зад тие спојувања на културите?
Ако постои некаква изјава или порака, тогаш таа би гласела „да се остане со отворен ум“. Понекогаш ние се губиме во сопствените култури, посебно кога мислиме дека нашата е најдобра. Во Америка ова ви го продаваат велејќи дека Америка е број 1. Многумина Американци не се запознаени со музиката од Бразил или од Индија. Тие можеби знаат кој е Боб Марли, но многумина не знаат ништо повеќе за регето или за даб-музиката. За нас тоа значи ушите да ни бидат секогаш отворени, а со тоа, се надевам, и нашиот ум.
Ненад Георгиевски