…„Скопје, тоа е концентрат на човековата борба со природата, но и резултат што вдахнува за нова борба, а не за прифаќање порази”… Жан Пол Сартр, 1963
Ликовни уметници од Македонија ќе ја будат солидарноста во Скопје преку своите уметнички дела. Петмина ликовни уметници во среда од 19 до 23 часот во централното градско подрачје ќе го прикажат/раскажат своето гледиште на тема “Wake-Up Solidarity“ (Будење на солидарноста) по повод одбележувањето на 50 години од катастрофалниот земјотрес на Скопје. Настанот е дел од проектот “Скопски урбани приказни“, а се организира од страна на Друштво на ликовни уметници на Македонија во соработка со Скопско Лето. Проектот оваа година ќе се организира по шести пат. Учесници на проектот се ликовните автори: Кристина Божурска, Ангел Миов, Ален Реџепагиќ, Мирослав Стојановиќ Шуки и Маја Кировска.
Божурска ќе се претстави со подна инсталација од камени коцки и фотографии.
„Она што оваа инсталација сака да го забележи е како и зошто вистинската уметност се заобиколува, а се афирмира и креира нова, квази уметност? Во оваа инсталација искористив фотографии од делата во депото на МСУ кои ги направив со цел да се покаже моменталната сосотојба на колекцијата на МСУ, и камени коцки кои се отфрлени од плоштадот на Скопје во корист на неговиот нов изглед. Денеска, живеејќи во време на возвишување на кич и турбо-фолк вредности, на лажен златен сјај и мегаломанија,дали сме доволно свесни да ги препознаеме вистинските вредности? Со ерозија на културните вредности,се јавува ли и ерозија на човечките? Знаеме ли на туѓата солидарнот да возвратиме со своја?, вели за своето дело Божурска.
Миов ќе се претстави со комбинирана техника за која вели дека претставува инсталација во простор, поставена на под, поточно е составено од испишан крст во црвена боја со истегнати букви со кои пишува Македонија во хоризонтала и вертикала, повеќе фотографии кои потсеќаат на старо Скопје, разни предмети, цигли, куфер, палета, рамки итн.
„На прв поглед не е јасно читлив текстот, но со менување на аголот на гледање може да се прочита. Делото е составено од повеќезначни симболи, кои нудат можност за различно читање и толкување, но и со конкретни асоциации за мигот кога се станува релативно и кршливо, мигот кога Скопје го доживеа катастрофалниот земјотрес“, открива авторот.
Делото на Реџепагиќ насловено како „Силуети“ е инсталацијата која содржи вертикали од прозирен плексиглас во различна димензија обесени на хоризонтална пречка.
„Приказ на живиот свет и средината во која тој опстојува, меѓусебната зависност субјект-субјект, субјект-објект и невидливите нишки на нивната поврзаност…. Кревкоста, ранливоста, минливоста на истите треба да ни послужат како своевиден потсетник за потребата од нивното постојано регенерирање.“, го опишува тој своето дело.
„I fill blue for you“ е насловот на делото на Стојановиќ Шуки кое се состои од плексиглас прикачен во просторот, позади кој се наоѓа рефлектор кој ја пренесува плавата боја на плексигласот боејќи ги лицата на посетителите. На плексигласот е испишан зборот Емпатија.. Пред плексигласот стои висок кој го симболизира земјотресот и уништувањето, како и новиот почеток и раѓањето.
„Делото ја отсликува највозвишената од сите емоции „емпатијата“, која според мене е најретка и најтешка од сите емоции. Таа повлекува реперкусии, односно го носи човекот во доменот на божественото, што со себе повлекува оштетување на емотивното битие. Емпатија се јавува најчесто во најдраматничните моменти при катастрофи и тргедии, а скоро да и не постои во нормалните времиња, не трае долго и брзо ја снемува.“, објаснува авторот.
Кировска ќе го прикаже делото „Оптимист“составено од 7 објекти (стилизирани птици), поврзани за друг објект од впоивлив материјал со помош на конец префрлен преку шипка или оптегната сајла. Со систем капка по капка впивливиот материјал ја менува тежината и ги крева во висечка позиција прикажаните објекти.
„Оптимист е дело создадено како одговор на темата по повод 50 години од скопскиот земјотрес. Оваа тема ја разгледувам од аспект на потомок на оние кои имале среќа да останат живи во оваа огромна трагедија. Делото е прослава на животот и негова цел е да не потсети да бидеме благодарни за секој нов ден што животот ни го носи.“, вели Кировска.
Автор: Балкон3

Мапа за настанот
АВТОР ВРЕМЕ ЛОКАЦИЈА
1.Кристина Божурска 19:00-19:30 пред книжара Култура (плоштад)
2.Ангел Миов 19:30-20:00 помеѓу ЕВН и Дестан (плоштад)
3.Ален Реџепагиќ 20:00-20:30 плато пред Дом на Армијата
4.Мирослав Стојановиќ Шуки 20:30-21:00 плато пред Дом на Армијата
5.Маја Кировска 21:00-21:30 ул. Македонија (кај Пеко)