
Afro-Cuban All Stars
Популарниот кубански оркестар AFRO-CUBAN ALL STARS и волшебниот турски тандем ЕРКАН ОГУР и ДЕРИА ТУРКАН ќе бидат ѕвездите на годинешното, единаесетто по ред, издание на OFF-Fest. Фестивалот стартува на први јуни токму со настапот на AFRO-CUBAN ALL STARS, група музичари предводени од еднa од најзначајните и највлијателните фигури на кубанската музика, главниот „виновник“ за феноменот Buena Vista Social Club, легендарниот ХУАН ДЕ МАРКОС.

Еркан Огур и Дериа Туркан
Втората вечер на OFF-Fest (2 јуни) е резервирана за гостите од Турција. Огур и Туркан се една од движечките сили на турската музика, а нивната музика е карактеристична по успешното внесување на духот на модерното време во традиционалните мелодии од Истокот. Истата вечер ќе настапат и македонскиот виртуоз, мултиинструменталист и професор, ДРАГАН ДАУТОВСКИ и неговиот квартет.
На трети јуни, пак, скопската публика ќе има можност да ужива во концертниот перформанс на пионерите на пост-рок звукот, славните чикашки прогресивци TORTOISE, но и во соло настапот на инди-поп дивата ЛЕТИША САДИЕ (од Stereolab). На петти јуни, последната фестивалска вечер, ТОНИ КИТАНОВСКИ И ЧЕРКЕЗИ ОРКЕСТАР премиерно ќе го изведат во живо својот најнов албум „Шукар”, а фестивалот ќе го затворат атрактивните пустински рокери од Мали, TAMIKREST.
Сите концерти на OFF-Fest (со исклучок на отворањето со кубанските ѕвезди Afro-Cuban All Stars во Универзална сала) ќе се одржат во Салонот на Македонската опера и балет. Фестивалот е во организација на Скопскиот џез фестивал, а билетите за сите фестивалски вечери се веќе во продажба.