Кој не пробал туфахија, омилениот десерт во босанската кујна, мора во најскоро време да проба за да не испушти еден од најубавите десерти, со вкус да се растопиш од милина кога ќе пробаш. Балкон3 тоа нема да го дозволи и затоа ви претставуваме одличен рецепт за да направите туфахија во домашни услови, а дека по неговата примена во практика добивате еден од највкусните производи гарантира потписникот на овој рецепт.
За пет туфахии е потребно:
Пет јаболки делишес
300 грама шеќер
500 мл вода
250 грама слатка павлака
100 грама ореви
50 грама бадеми
1 (еден) ванилин шеќер
малку лимонов сок
Подготовка:
Во еден сад ставаме половина литар вода, 300 грама шеќер и малку ванилин шеќер и ги ставаме да на рингла да зовријат и да се сварат додека се добие компактна маса.
Во јаболките ја длабиме средината со семките, потоа ги лупиме и ги ставаме во садот со водата и шеќерот во кој ги вариме десет до 15 минути. После тоа, јаболките ги ладиме околу половина час.
За тоа време ја правиме смесата за полнење на јаболките, односно со слатката павлака ги мешаме мелените ореви и бадеми додека не добиеме компактна смеса. Во неа ставаме и малку лимонов сок.
Потоа изладените јаболки ги полниме со смесата, а на врвот ги украсуваме со остатокот на филот и слатката павлака, а може да се стави и цреша или парче лимон на врвот. Потоа ги ставаме една по една во посебен помал но длабок сад, во кој на дното истураме околу два прста од водата во која се вареа јаболките за дополнително да впијат од сокот.
Прекрасните туфахии потоа се подготвени за послужување. За оние кои сметаат дека е енергетска бомба гарантираме дека тоа барем нема да го почувствуваат при јадењето, а за помалку калории, може да се стави и помалку шеќер. Уживајте:)
(М.Ч.)