Водич низ СКОПЈЕ

14 занимливости што ќе ги најдете во нетуристичко село

Откриени воени тајни

Panorama_balkon3_resize

Страцин на многумина им е познато село во Македонија, бидејќи се наоѓа на главниот пат што води кон Бугарија. Поточно, тоа е на самата раскрсница каде што се дели патот кон живописното гратче Кратово и кон природниот споменик Куклица на југ, и кон Крива Паланка, манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ и Бугарија на исток (точката што локалците ја нарекуваат Чатал, бидејќи така им изгледа крстосницата).

Стариот пат поминува низ самото село и до 1989 година порано возачите редовно поминувале низ него. Во тоа време, кога селото било многу поживо, многумина патници тука застанувале да се одморат од напорното патување. Новиот пат го заобиколува селото за само 200 метри, но сега речиси никој не застанува таму. Го посетуваат главно луѓето што потекнуваат од таму.

Panorama 2_balkon3_resize_resize

Страцин нема да го најдете на македонската туристичка мапа, за разлика од Галичник, Вевчани, Брајчино, Колешино и други, иако до него се стигнува многу полесно отколку до некои од овие села. Толку ли нема што да понуди? Со неколкучасовна прошетка може да најдете барем 14 интересни точки во Страцин. Ова е село од разбиен тип, со маала што се оддалечени едни од други, па занимливостите не се на куп ,туку во дијаметар од околу пет километри, и до некои се оди низ ридови и долови. Но сепак, ги има 14. Со тоа, Страцин покажува дека не се само извиканите локации тие што можат да го воодушеват посетителот.

  1. Куќи од правоаголни камени блокови

001 - kukja_balkon3_resize_resize

Каменот бил материјал за градење насекаде. Но овде тој бил обработуван во правилни геометриски форми, кои потоа лесно се склопувале во куќа. Предните страни често биле декорирани со орнаменти. И не само куќите, така биле градени и шталите, амбарите, кокошарниците… И добитокот уживал во врвната селска архитектура. За жал, повеќето од овие прекрасни стари куќи се напуштени, а преостанатите педесетина жители на Страцин живеат во нови куќи во центарот на селото.

  1. Старата селска продавница 

002 - prodavnica_balkon3_resize_resize

Направена од црвеникави правоаголни камени блокови, таа изгледа како да е застаната во времето. Асортиманот можеби и` е сиромашен, но задоволството да се купува во неа е многу поголемо отколку во стерилната атмосфера на градски супермаркет.

  1. Црква од 19 век

003 - crkva_balkon3_resize_resize

Старата црква „Свети Димитрија“ стои на тоа место уште од 1847 година, според натписот на еден од ѕидовите. Има едноставна правоаголна форма која е типична за тој крај од Македонија (Североистокот), иако е невообичаена за многу други делови од православниот христијански свет.

  1. Гробишта како од хорор филм

004 - grobista_balkon3_resize

Врвните способности за обработка на каменот жителите ги користеле и за да им оддадат почит на своите починати. Напуштените и обраснати надгробни споменици денес би ги воодушевиле љубителите на готската естетика и на оние што ги сакаат хорор филмовите.

  1. Чуден камен олтар

005 - oltar_balkon3_resize

Се наоѓа на место каде што нема ниту гробишта, ниту црква, до ливада каде што луѓето порано се собирале на селските слави. Личи на жртвен олтар, но никој не знае точно што е.

  1. Камена трпеза

006 - trpeza_balkon3_resize_resize

Иако наликува на гроб, ова е место каде што луѓето порано седнувале да ручаат на славите. Се наоѓа на ридот над црквата. Три реда камени блокови долги дваесетина метри, по два за седење и средниот за послужување, со крст на челното место. Толку долго не се користи што низ долниот дел веќе израснале дрвја.

  1. Ровови и бункери од Втората светска војна

007 - bunker_balkon3_resize_resize

Страцин е место каде што се одвивале тешки борби меѓу македонските партизани и окупаторските војски во Втората светска војна. Трагите од војувањето ги има насекаде, а бункерите се толку цврсто изградени, што би можеле и денес да бидат во функција, само да им се расчисти влезот. Но подобро би било да не ни притребаат.

  1. Спомен-чешма

008 - cesma_balkon3_resize_resize

Централната селска чешма им е посветена на 33 загинати партизани во Втората светска војна, кои потекнувале од Страцин и од околните села.

  1. Противтенковска барикада

009 - barikada_balkon3_resize_resize

Страцин отсекогаш бил стратегиско место, па во времето на Југославија тука била поставена барикада за да спречи тенковска инвазија од Исток. Инвазијата никогаш не се случила, а со сегашните политички околности во регионот веќе не постои ниту опасност од такво нешто. Но масивните челични триаголници се` уште стојат и го спречуваат само добитокот слободно да поминува од едната на другата страна од ливадата.

10. Напуштена подземна воена база

010 - bunker_balkon3_resize_resize

Најдобро чуваната тајна на Страцин во времето на Југославија. Мрежата од тунели се протега под два рида и во неа порано се чувала воена опрема и машинерија, а на мештаните им бил забранет пристапот. Денес таа е напуштена, влезовите се замаскирани и може да се види само низ мали отвори.

11. Изворчиња за вода

011 - izvorce_balkon3_resize_resize

Ова се наоѓа покрај селски пат, а некои се скриени длабоко во шумите. Селаните ги уредиле сите што ги пронашле. Стотици години ги спасувале од жедта оние што талкаат низ ридовите.

12. Осамени стари големи дрвја

012 - drvo_balkon3_resize_resize

Во Македонија има педесетина чинари (платани) кои се стари стотици години и се заштитени како природно богаство. Овој даб во Страцин го нема на таа листа, но според тоа колку е сличен со тие дрвја, сигурно има неколку века под својата кора.

13. Маѓепсана шума

013 - suma_balkon3_resize_resize

Во детските приказни често се споменуваат шуми во кои никој не може да влезе, а тој што ќе се обиде нема да може да излезе. Околината на една постара селска чешма, во едно напуштено маало, сега е толку обрасната со трње, а тлото поплавено, што е невозможно да се помине низ неа. Не можевме да провериме дали сега, кога луѓето ги нема, на чешмата се собираат самовилите.

14. Природен резерват

014 - rezervat_balkon3_resize_resize

Местото Плочи е рамно плато од големи камени плочи на врвот од еден рид. Познато е по своите литотелми, или локви во камен. Низ времето во камењата се издлабиле дупки што се полнат со вода по секој дожд. Затоа во нив се развива единствен жив свет од микроорганизми, кои се ендемски. Затоа е заштитено како строг природен резерват. Не дека микроорганизмите имаат некој туристички потенцијал, но самото место е неверојатно убаво. Стотици минијатурни езерца, кањони и клисури ќе ја вклучат вашата имагинација и ќе ве вратат во детството, кога сте си замислувале некој мал, џебен свет. Најмалите локви се колку една педа, а најголемите имаат одвај еден квадратен метар. Некои се полни со вода, а други со трева, мов и цвеќиња. Ако ги посетите напролет или наесен по некој врнежлив период, ќе уживате во целата нивна убавина.

Гоце Трпковски

Коментари