Водич низ СКОПЈЕ

Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – АКЦИЈАШИ ХЕРОИ

Нечистотијата во земјава станува легендарна, а борбата со неа митска.

Како Сизиф, кој постојано го туркал каменот нагоре, и тој постојано се тркалал назад.

Има граѓани на двете страни од тој мит.

Некои го собираат и го изнесуваат ѓубрето, други ги полнат дивите депонии.

Кога некој ќе види колку е тешко да се чисти, веќе нема да му текне да прави ѓубре. Затоа најдобриот начин да се зајакне свеста за околината е акцијата.

Секој наш член, акцијаш или бар некој што учествувал бар еднаш, кога ќе му дојде во раце парче хартија, ќеса било каква да е ќе ја чува до првата канта, контејнер, корпа било што ќе ја фрли таму“.

Кумановските акцијаши потекнуваат од времето на големите работни акции. Кога немало одмор додека траела обновата. Се одржале и и продолжуваат да работат и во времето на социјалните мрежи. Кога секој треба да го исполни својот „челинџ“.

На најстарото дрво во паркот друштво му прават стотина фиданки засадени од акцијашите.

Најмладиот член на Кумановски акцијаши е мојата внука која има само 20 месеци, така да генерациски си оди тоа. Татко ми беше активиста, јас сум, син ми, внуката сега исто“.

Јусуф Љатифи, познат како Јуско, ги предводи кумановските акцијаши. Движењето во Куманово постои седум децении, а Јуско е со нив речиси пет.

Јас сум активен од 1970 година, значи од својата 8 година, кога станав извидник и практично од таа своја 8 година вљубеник во животната средина, во природата, во шумите и еве во континуитет непрекинато 49 години сум активен и ако ме послужи здравјето ќе бидам се уште“.

Нивната цел е да го поттикнат активното граѓанство. Наместо граѓаните да се жалат, да преземат акција и да ги решат проблемите. Пред се непосредните, како јавната хигиена. Тоа во никој случај не значи дека јавните претпријатија треба да не си ја вршат работата и да им ја препуштат на граѓаните.

Ние не се мешаме во работата на Јавното претпријатие, таа си има програма и си работи по програмата. Нашата работа е иницирање и секако промовирање на доброволната волонтерска работа, а не преземање на обврски од Јавното претпријатие“.

Трештаг предизвикот (#trashtag challenge) е светски тренд

Луѓе собираат ѓубре расфрлано во природа и прават фотографии „пред“ и „потоа“

Социјалните мрежи поттикнуваат голем број акции за чистење на јавните простори

Искусните акцијаши велат – натерајте ги јавните претпријатија да соработуваат

Ако немате соработка со локалната власт да ве поддржи во она што сакате да го направите сите тие активности преку социјални мрежи имаат некоја добра страна, меѓутоа не дефинирано до крај“.

Секој македонски граѓанин создава по околу 400 килограми отпад годишно. Три четвртини од нив, или околу 300 килограми, собираат комуналните претпријатија. Една четвртина, или сто килограми по човек, завршуваат покрај патиштата, на ливадите, во реките, во природата. Повеќето легални депонии се само заградени ѓубришта. Камионите таму го растовараат ѓубрето, а потоа ветрот го разнесува. Резултат – земјата е целосно покриена со отпад. Оваа состојба може да се реши само со многу работа и со многу акции. За жал, Јуско забележал тие имаат и негативен ефект.

На секој чекор депонии има, мали, големи, и ако ја исчистите таа депонија денес утре на тоа исто место ќе никне уште поголема депонија. Одат на она лоша мисла дека ете некој ќе дојде ќе го исчисти, можам да фрлам тука. Меѓутоа не е тоа така. Го исчистивме речното корито кај кејот каде што заедно со Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“  изнесовме 100 тона смет.  И што се случи? Наместо да ја сочуваме реката исчистена, за само три дена состојбата беше иста, значи пак има смет, пак се фрла. Е сега кој фрла? Сите!“

Не може овакој! Одма да га исчистите!

Акцијаштвото не служи само за чистење. Акцијашите пошумуваат, помагаат во изградба на јавни објекти, реагираат за спасување од катастрофи.Има работна бригада од четириесетина луѓе. Одат на акции во странство и пречекуваат акцијаши од други земји. Помагале по поплавата во Краљево, а потоа заедно со краљевските акцијаши помагале по поплавата во Скопје.

Најголемиот проект во моментов им е обновата на спомен-костурницата, еден од најважните симболи на градот.

Проектот е за целосна ревитализација, значи обнова на зеленилото комплетно од нискожбунести до дрвја, изградба на нови патеки за шетање и рекреација. На самото плато долу е предвидена овај амфитеатар за културни збиднувања, во долниот дел паркинг со спортски терени и да се обноват долните скали кои се чисто рекреативни и секако комплетната инфраструктура тука во смисла на вода, струја итн“.

Но не секогаш граѓанските акции добиваат брз и ефикасен одговор од институциите.

Проектот е направен меѓутоа чекаме погодно време кога надлежните екипи на Министерството за култура ќе извршат проценка и мерење на самото место и да ни прецизираат кои работи ние можеме самостојно да ги завршиме, а кои не“.

 Во 2016 имало 57 акции за чистење на паркот околу костурницата. Во 2017 имало 51, а во 2018 дури 72.

Но коските на народните херои и на стотиците загинати партизани и натаму се опкружени со отпадоци.

А некои посетители мислат дека наместо борците, тие треба да остават спомен на местото.

Очигледно, на акцијашката работа не и се ближи крајот.

Катерина Спасовска Трпковска

Коментари