Секој поголем град има многу лица. Некои делови од него изгледааат како да се во друг град, во друга држава, дури и на друг континент.
Светските урбанисти сметаат дека градовите во последниве 50 години се` повеќе стануваат глобални, наместо национални, вклучувајќи во себе многу различни карактеристики што го отсликуваат нивниот мултикултурен карактер.
Кога на тоа ќе се додаде долгата и сложена историја на Скопје, кое што сите освојувачи го менувале како што го заземале, а големите катастрофи им ги „поправале“ грешките или во поново време отворале можности за експериментирање, шареноликоста е апсолутно загарантирана.
Еве кои се` делови од светот Балкон3 ги препознава во главниот град на Македонија.
ОРИЕНТОТ
Ова е Старата скопска чаршија, позната и како турска чаршија. Најстариот жив дел од градот, полн со трговци, занаетчии (најмногу златари), ресторани, чајџилници, кафулиња, се` до апсинт-барови како од егзотичните патувања на Шерлок Холмс. Срцето на Скопје, според сите критериуми, во кое е длабоко врежан ориенталниот дух.
ИСТОЧНА ЕВРОПА
Широките улици со еднолични, главно сиви стамбени блокови изградени покрај нив, се карактеристични за многу источноевропски метрополи. Скопје е, сепак, во тој дел од светот и многу негови делови се уредени на тој начин. Вклучувајќи го и овој дел од улицата Илинденска.
ЗАПАДНА ЕВРОПА
И покрај земјотресот од 1963 година и подоцнежната модернизација, сепак опстојале и докази дека градот пред стотина години се обидувал да го достигне шармот на западноевропските метрополи. Неколку згради на улицата Никола Кљусев (поранешна Максим Горки) сведочат за тоа.
АМЕРИКА
Живописното американско предградие е симбол за богатството и за економскиот напредок на САД. Но и во Скопје се граделе населби по сличен терк, кои што ја имале истата цел – да ги симболизираат удобноста и пристојниот живот на средната класа. Лисиче е една од десетината такви населби.
ЈАПОНИЈА
За цутењето на јапонските цреши веќе сме пишувале, а тие се сместени во западноевропскиот дел. Скопје има и друг јапонски симбол, мегапроектите на архитектот Кензо Танге од 1960-тите, особено станбениот комплекс Градски ѕид.
ХОЛАНДИЈА
Овој град не е премногу пријателски настроен кон велосипедите. Сепак, има барем еден дел каде што тие можат да бидат главни, како во Холандија. Покрај кејот на Вардар има велосипедски патеки долги дваесетина километри. Главно служат за рекреативно спортување, но бидејќи голем дел од градот е распослан покрај Вардар, некои ги користат и како мирен и безбеден пат до работното место.
БРАЗИЛ
Овде ја нема ниту Копакабана, ниту спектакуларните облакодери на Сао Пауло, но може да се видат сцени слични на бразилските фавели, на пример во познатата Топаана. Не дека фавелите се слика само за Бразил. Не постои поголем град во светот што нема делови завиткани во огромна беда, но бразилските станале познати поради користењето во поп-културата. Така, и Топаана си наоѓала свое место во филмовите и во музиката.
ИСТОЧНА АЗИЈА
Раздвижени трговски улици во кои дури и делови од коловозот се претворени во продажен простор, а не постои производ што не може да се најде на нив. Може да се сретнат од Тајланд па се` до Турција, но и во скопски Дуќанџик.
БАЛКАН
Кога во едно полууредено место се гледаат луѓе од различни класи, кои возат скапи, евтини или никакви автомобили, а живеат во своите големи и мали куќи што не изгледаат ниту посебно привлечно, ниту одбивно, туку сосема, сосема едноставно – тоа е Балканот. Тоа е и населбата Ѓорче Петров.
МЕНХЕТЕН
Во изминативе десетина години се појавија многу идеи што го носеа истиот работен наслов – скопски Менхетен. Замислата им е да се изградат висококатници на повеќе локации, а се предвидуваа максимални височини и до 500 метри. Засега единствените облакодери во Скопје се двете изградени (од четирите планирани) кули од проектот Sky City, високи по 130 метри. Тешко е да се претпостави дали Скопје ќе продолжи да се развива на овој начин, во височина.
Гоце Трпковски
фото: Хусамедин Гина