Водич низ СКОПЈЕ

Здрава река носи здрав живот – Време е за акција против поплавите!

УНДП почна проект за обновување на сливот на реката Струмица – Време е да се делува сега за да се намали ризикот од поплавите и загадувањето!

Проектот за управување на сливот со реката Струмица ќе помогне да се заштити населението од поплави и загадување.

Екосистемот на сливот на река Струмица има клучна улога во одржувањето на социо-економската стабилност и квалитетот на живот на околу 125,000 жители од регионот. Тој обезбедува вода за населението и земјоделството и овозможува остварување на приходи за поголемиот дел од населението.

Во изминативе две децении урбанизацијата доведе до поинтензивно земјоделство и индустриски развој. Неодржливите земјоделски практики како што се неконтролираната употреба на ѓубрива и пестициди и неефикасно наводнување на земјоделските култури, негативно влијаат врз квалитетот на водите.

Се очекува и дека климатските промени да доведат до пораст на температурите и екстремните временски услови, со што поплавите и сушите ќе станат уште поголема закана за регионот.

Време е да се делува сега за да се намали ризикот од поплавите и загадувањето, за целиот овој регион да стане поотпорен на заканите од климатските промени. Благодарение на финансиската поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, ние го почнавме проектот за обновување на сливот на реката Струмица“, изјави постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Луиза Винтон.

Со овој проект, кој се спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и со општините Радовиш, Конче, Струмица, Ново Село, Василево и Босилово, се поддржуваат првите напори на Македонија да ги воведе принципите на Европската Унија за интегрирано управување со ризикот од поплави.

Проектот ќе работи со локалните власти на јакнење на капацитетите  за воведување на принципите на интегрално спречување и контрола на загадувањето од индустријата, како и на воведување на најмодерните принципи, технологии и инфраструктура за управување со речниот слив.

Во рамките на проектот веќе отпочна програмата за воведување на агроеколошки мерки во земјоделското производство. По спроведување на програмата на обуки, ќе бидат избрани пилот фарми чиишто сопственици ќе бидат поддржани да спроведуваат модерни земјоделски практики. На тој начин тие ќе послужат како модел за тоа како преку контрола на употребата на агрохемикалии и вода за наводнување, може да се постигне поголем и поквалитетен принос и подобра заштита на средината.

Коментари