Водич низ СКОПЈЕ

Воздра! Од Сараево…:)

TR GR EN

“Воздра. Ша има?”- вака се поздравува “рајата” во Сараево. И мене ме пречекаа со овој поздрав иако не сум дел од “рајата” и за прв пат сум во Сараево. Но, мојот домаќин дефинитивно e “раја” и тоа почнувајќи од “мала раја” како што ги нарекуваат сарајлиите помалите свои сограѓани. Нихад, мојот драг пријател и домаќин на овој мој неколкудневен престој во Сараево е млад сарајлија кој многу го сака своето Сараево или како што вели тој градот му е најдобар другар. Подобар водич низ Сараево не можев да имам. Му благодарам за тоа. Го видов и почувствував дури “махалскиот” живот по маалата над Башчаршија, животот во Чаршијата, модерното Сараево, отоманското Сараево, австро-унгарското Сараево, но и последиците од Сараево „под опсада“… Едно нешто сигурно ги поврзува сите овие наброени работи погоре, а тоа е духот на луѓето кои живеат тука. Ги задржале ведрината, почитувањето и насмевките…. И покрај се’.

Во Сараево стигнав рано изутрина и веднаш имав прилика да ја посетам Башчаршија која сеуште спиеше во овие рани мугри. Празните сокачиња по чаршијата се чистеа и ги чекаа еснафите, рајата, туристите да прошетаат по нив. Чаршијата е формирана во втората половина на 15 век и најпрвин само делот околу препознатливиот белег на чаршијата- себиљ се нарекувал Баш чаршија, во превод главна чаршија, за подоцна целата чаршија да го добие ова име. Порано секој занает си имал своја уличка, денес останати се само најупорните занаетчии кои најчесто изработуваат сувенири. Некои од дуќаните денес се познати кафетерии, чајџилници, ќебапчилници, ресторани….

Во минатото имало околу 12 000 трговски и занетчиски дуќани со преку 80 различни занаети. Земјотреси и пожари делумно и пресудиле на чаршијата, а од нив ова што е останато денес сведочи за некогашниот богат живот кој се одвивал на северниот брег на реката Миљацка. Неколкуте безистени, џамии, анови исто така сведочат за имињата на неколкумината градители во чаршијата како што е Гази-Хусрев бег кој е и погребан во Џамијата која ја изградил. Сараевчани се вредни, духовити и досетливи луѓе. Нивната досетливост ќе ја препознаете и во чаршијата и сувенирите кои ги нудат, во ликот на Вучко-некогашната маскота на Олимписките игри во Сараево 1984, во сувенирите од куршуми, сувенири од рачни бомби и други разни рачни изработки…. Една од најавтентичните креации на овие сувенири се чаурите од гранати, на кои денес вештите раце на занаетчиите ги отсликуваат белезите на чаршијата, на Сараево и со нивниот отсекогаш ведар дух се обидуваат да ги ублажат болката, а и сликата за военото Сараево.

Убаво е чувството кога во ист момент ќе ги слушнете sвоната на католичката катедрала, камбаните од православната црква и звуците од оџата кој пее на некое од минарињата на џамиите во чаршијата. Тоа е звукот на Сараево. Вистинското Сараево.

Сараевчани сакаат многу да пијат кафе и тој адет веднаш ја буди чаршијата. Само по неколку часа откако ја запознав полу заспаната чаршија, рано, тоа утро, таа веќе беше преполна со луѓе. Странците најчесто се ориентираат (се чекаат) по себиљ-некогашна чешма, која е една од неколкуте кои постоеле порано низ Сараево. Денес е останата само оваа, изградена 1891 година, која на почетокот имала себиљџија кој со канче за вода ги поел жедните.

Културното наследство на Сараево може да се подели во неколку периоди, почнувајќи од праисторија, преку римскиот период, средниот век, османскиот период и австро-унгарскиот период. Најевидентни се остатоците од османскиот и австро-унгарскиот период. Еден од белезите на Сараево од австро-унгарскиот период е “Градската вјечница” или градската куќа иако таа во минатото имала повеќе различни функции.

Сместена е во близина на Башчаршија изградена е во псевдо-маурски стил и наликува на џамијата на Кемал Втори во Каиро. Била пуштена во употреба во 1896 година. На почетокот била зграда на градската управа на Сараево, потоа била зграда на Окружниот суд на Сараево, па градска односно Национална и универзитетска библиотека, која во 1992 година, за време на опсадата на Сараево изгорела со 80% книги и документи за историјата на Босна и Херцеговина. Денес е реновирана и иако од неодамна е свечено отворена, сеуште не е отворена за посетители. Планирано е тука да биде сместена градската управа на Сараево, Универзитеската библиотека, како и да служи како простор за културни настани.

Интересен податок е поврзан со овој објект, имено уште кога требало да започне неговата изградба требало да се урнат два ана и една приватна куќа. Ановите ги срушиле веднаш, но сопственикот на куќата прво се противел на рушењето, а кога морал, побарал едно кесе златници и цигла по цигла да биде префрлена целата куќа и изградена од другата страна на Миљацка, спроти градската куќа. Така и биднало. Денес оваа куќа е позната како “Инат куќа” и е национален ресторан.

Реката Миљацка е крвотокот на Сараево. Таа го дели градот на сончев и оној во сенка. На шега сараевчани велат дека оние од страната што е во сенка чистат снег и во мај.

Повеќе мостови ги поврзуваат овие два брега на Миљацка, а од неодамна уште еден мост кој на прв поглед не се вклопува со околината, но кога ќе ги запознаете малку сараевчани ќе сфатите дека ептен им одговара. Мостот се вика: “Pozuri polako (побрзај полека)” и се наоѓа непосредно пред Академијата за ликовни уметности.

Јас и Сараево, ова дефинитивно беше љубов на прв поглед. Веќе имаме закажано ново рандеву во зимски амбиент….Препознатлив. Сараевски…

П.С. Намерно ви останав должен за приказните познатите сараевски “чевапи”, бурекот, ноќниот живот…Но тоа е повод за нова репортажа…Наскоро…

Јордан Дуков

Коментари