Водич низ СКОПЈЕ

Цветни велосипеди – Нов живот за старата ’рѓа

Како да му дадете нов живот на стариот и неупотреблив велосипед? Едноставно, претворете го во држач за цвеќиња.flower_bicycle5_balkon3Овој тренд трае повеќе од една деценија, но неговата популарност не се намалува. Насекаде во светот луѓето ги украсуваат своите градини со велосипедите што ќе ги најдат заборавени во подрумите, откако малку ќе ги дотераат. Треба да се исчисти ’рѓата и да се стави нова боја, за металот да се заштити од понатамошно кородирање. Боите се обично многу силни, а се бојадисува не само рамката, како што било додека велосипедот се возел, туку и рачките, седиштето, педалите, ланецот, дури и тркалата.flower_bicycle2_balkon3

Се користат секакви видови цвеќиња и тие се распоредуваат на велосипедот на различни начини. Најчесто може да се видат стари велосипеди со две саксии, една во корпата на рачките и уште една зад седиштето, над задното тркало. Некои ставаат само по една, за повеќе да го истакнат велосипедот. Други, пак, редат саксии од сите страни на рамката. Обично се садат помали цвеќиња, но може да се видат и големи, што ползат, кои по некое време целосно ќе го покријат велосипедот.flower_bicycle3_balkon3Се поставуваат различни велосипеди, и постари и понови модели. Обично луѓето ги користат своите стари и запоставени велосипеди што ќе ги извадат од гаражите, но ако немаат, ги купуваат на пазарите за старудии. Често можат да се најдат за евтини пари, но како што се развиваше трендот, така тој стануваше и бизнис. Колку е постар и поредок некој модел, толку повисока цена може да постигне. За нешто што е вистинска класика се плаќа и по стотици долари.naxos-bicycle2 balkon3

Во нашиот регион, во Македонија и во Турција оваа појава е во развој и се сведува главно на ентузијасти што си го збогатуваат декорот на градината. Во Грција, пак, цветните велосипеди се силен урбан тренд. Може да се видат на улиците на големите градови, во кафулињата или во домовите, на шеталиштата во местата за летување покрај убавите плажи, па дури и на островите Киклади, каде што со својата силна боја им даваат контраст на белите куќи.

Екипата на Балкон3 го направи својот прв цветен велосипед.flower_bicycle4_balkon3Стариот црн кинески модел стоеше во гаражата речиси десет години и се поместуваше само кога требаше да се исчисти под него. Препродавачите на старо железо го гледале и нуделе некои мали суми за да го купат. Но нема доволно пари со кои што може да се платат спомените од патувањата со него. Заслужил барем да ја краси градината. Се одлучивме за црвената боја и бојадисавме се` освен гумите. Нив ги оставивме во оригиналната боја, како велосипедот се` уште да може да се вози. Го потпревме до дрво, го врзавме со неколку жици за да биде постабилен. Не штедевме на цвеќиња. Можевме да ги поставиме само на едната страна, бидејќи се наоѓа до оградата на соседите, па му закачивме четири долги саксии. Така, неговото патување продолжи, повеќе низ времето отколку низ просторот, но сепак, тој доби втор живот.flower_bicycle1_balkon3

Гоце Трпковски

Коментари